„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ОДРЖАНА ТРЕТАТА АКАДЕМИЈА НА КОМОРИ ОД ЕУ И ЗБ6

01.06.2024

Развој на услуги за поддршка на интеграцијата на локалните мали и средни претпријатија на единствениот пазар на ЕУ

Во организација на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (КИФ ЗБ6), со поддршка на Европската комисија, а во соработка со Еурочембрс (Eurochambres) во периодот 29-30 мај 2024 година, во Солун се одржа Академијата на комори од ЕУ и ЗБ6 „Развој на услуги за поддршка на интеграцијата на локалните мали и средни претпријатија  на единствениот пазар на ЕУ“.  Третата по ред академија организирана од Коморскиот инвестициски форум во фокус ја имаше европската пристапна перспектива и теми од интерес за регионална соработка, кои беа разработени во текот на дводневната академија, а презентирани од 16 говорници од земјите во регионот и ЕУ, во насока на споделување на најдобрите практики помеѓу коморите, но и вмрежување помеѓу колегите со цел зајакнување на улогата на коморите како витални поддржувачи на локалните бизниси.
Во воведното обраќање д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на КИФ ЗБ6 истакна дека академијата дава одлична можност за размена на информации и прзентација на новите активности на секоја од коморите од Западен Балкан, но и на ниво на ЕУ, што практично овозможува тековно следење на активностите кои ги превзема секоја од коморите кога станува збор за креирање на услуги поврзани со поддршка на интеграцијата кон европските синџири на снадбување за нашите локални компании. Д-р Штејова Душковска додаде дека ваквата размена на искуства создава можности за развивање на нови услуги и унапредување на постоечките услуги кои ги нудат коморите од регионот.
Жулиет Лопе, виш советник за политика за соседство и проширување во Еурочембрс, во своето обраќање истакна дека Еурочембрс високо ја цени соработката и размената на знаења помеѓу коморите во ЕУ и коморите од регионот ЗБ6 со цел постепено интегрирање на малите и средби претпријатија од регионот на единствениот пазар на ЕУ и имплементација на Новиот план за раст.
На Академијата, говорници од стопанските комори од ЕУ и Западен Балкан ги споделија и дискутираа нивните најдобри практики во неколку клучни и актуелни области како што се: циркуларна економија, механизмот за јаглеродно гранично прилагодување, ЕСГ стандардите за животната средина, општествените прашања и управувањето, е-услугите и дигиталната трансформација, интелектуалната сопственост и стандардизацијата.
Како претставник на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Михајло Донев, проектен менаџер говореше за Дигиталната трансформација преку воведување на е-услуги преку презентирање на е-услугите кои ги нуди Стопанската комора. Учесниците на академијата имаа можност да се запознаат со примената на дигиталната трансформација во унапредувањето на услугите кои ги нуди комората како одоговор на потребите на приватниот сектор. М-р Донев го презентираше Порталот Пракса наменет за поврзување на компаниите со средните стручни училишта за реализација на практична обука како современо решение кое го олеснува процесот на поднесување на барање за верификација на работодавач, сертификација на ментор, водењето на регистри на верифицирани компании, сертифицирани ментори и средни стручни училишта во насока на нивно вмрежување и олеснување на процесот на комуникација помеѓу засегнатите страни. Особен фокус беше ставен на иновативните решенија за издавање на електронски документи (дигитално потпишани Сертификат за потекло, Форма А и Потврда за членство), како и издавање на еАТА карнети како прва комора од регионот на Западен Балкан која изгради сопствено решение за поврзување со системот на Меѓународната стопанска комора (ICC) со седиште во Париз, што ја прави Стопанската комора на Северна Македонија една од дванаесетте комори во Европа која пионерски го има унапредено системот за издавање на АТА карнети. Исто така беше презентирана и дигиталната алатка за самооценување DIG-IN-KPI AAT изградена во рамки на проеткна активност спроведена од Коморите на Словенија, Хрватска и Македонија, која е наменета за автоматизирање на процесот на правење проценки за нивото на дигитална зрелост на градежните компании во насока на поттикнување на компаниите за дигитализирање на процесите во работењето со цел зголемување на продуктивноста и градење на конкуреност.
Академијата на комори од ЕУ и ЗБ6 „Развој на услуги за поддршка на интеграцијата на локалните мали и средни претпријатија  на единствениот пазар на ЕУ“ е реализирана во рамки на проектот „Поддршка од ЕУ за ЗБ6 КИФ за развој на Заеднички регионален пазар, 2024/454-229“, а како сублимат од дводневната академија произлезе и е-каталогот со информации за говорниците и тематските презентации од академијата.
Линк до Е-каталогот