„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

КОМОРИТЕ СО ИНИЦИЈАТИВА ЗА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ВО СЕКТОРОТ ГРАДЕЖНИШТВО

17.11.2022

Потребата за унапредување на работните процеси, преку се поголемо користење на современите информациско-комуникациски технологии, несомнено ја наметнуваат потребата за  дигитализација на секторите и зголемување на продуктивноста, како клучни фактори кои влијаат на конкурентноста на една компанија. Во услови кога одредени сектори својот развој може во еден дел да го потпрат на новите технологии, знаења, иновации, ИТ алатки, градежништвото сė уште останува еден од најмалку дигитализираните сектори. 
Со цел развивање на заеднички индикатори за обемот и нивото на дигитализација на градежните компании, тестирајќи ја релевантноста на индикаторите преку земање на примери од компаниите од трите земји, Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Стопанската комора на Словенија и Стопанската комора на Хрватска, ја стартува новата  иницијатива насловена како Дигиталната трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот – DIG-IN-KPI, која е поддржана од Европската комисија во рамки на Еразмус + програмата.
Во организација на Комората, во периодот 14-15 ноември 2022 година беше реализиран првиот состанок помеѓу партнерите на кој се дискутираше за претстојните активности каде приоритет ќе биде ставен на утврдувањето на заедничките индикатори за обемот и нивото на дигитализација на градежните компании, а како корисници на проектот покрај бизнис секторот, предвидено е да бидат опфатени и образовните институции и државните органи.
Во рамки на проектот предвидена е соработка и со членовите на работната група на ФИЕК ЕУ – Градежништво 4.0 (FIEC EU – Construction 4.0). На состанокот присуствуваше и преставник од Федерацијата на европска градежна индустрија – ФИЕК кој ја поздрави иницијативата на трите комори во давањето придонес кон развој на секторот градежништво и градежни материјали.
Врз основа на добиените податоци, ќе се креира онлајн алатка која ќе биде бесплатна за користење на компаниите преку која ќе може самите да го оценат степенот на дигитализација на компанијата. На крајот од проектот, трите комори ќе ги информираат државните органи за можностите за финансиска поддршка на градежните компании во процесот на дигитална трансформација, со цел идните наменски државни средства повеќектратно да се вратат во државниот буџет.
Претставниците од трите комори едногласно истакнаа дека секторот градежништво и градежни материјали е од особена важност во структурата на нивните економии, кој во просек учествува со 7-10% во создавањето на бруто домашниот производ. Преку иницијативите кои произлегуваат во рамки на новото партнерство се цели кон зголемување на продуктивноста во градежниот сектор преку поголема примена на дигитални алатки и вештини, како во компаниите, така и во образовните институции, кои на долг рок ќе водат кон подигнување на просечната додадена вредност по вработен во градежните компании до нивото на просекот во Европската Унија.