„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Подобрување на услугите на УЈП спрема компаниите и навремен поврат на ДДВ во фокусот на средбата на Азески со Дон Мејнваринг, советник во Канцеларијата за техничка помош на Министерството за финансии на САД

15.11.2024

Г. Дон Мејнваринг од Канцеларијата за техничка помош на Министерството за финансии на САД, кој го предводи тимот ангажиран да даде предлог за реформи на Управата за јавни приходи на Р. С. Македонија, ја искажа својата благодарност за средбата, но и привилегијата што имаат можност да го дадат својот придонес во градењето и во зајакнувањето на услугите спрема даночните обврзници во С. Македонија. Тој истакна дека во моментов развиваат концепт на операции кој ќе овозможи подобрување на услугите за даночните обврзници.

Низ отворена дискусија на работната средба меѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, и Дон Мејнваринг, советник во Канцеларијата за техничка помош на Министерството за финансии на САД, која се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија, се изнесоа согледувањата на бизнисот во врска со посакуваните промените што ќе и помогнат на УЈП да им служи на даночните обврзници побргу и подобро.

Г. Дон Мејнваринг од Канцеларијата за техничка помош на Министерството за финансии на САД, кој го предводи тимот ангажиран да даде предлог за реформи на Управата за јавни приходи на Р. С. Македонија, ја искажа својата благодарност за средбата, но и привилегијата што имаат можност да го дадат својот придонес во градењето и во зајакнувањето на услугите спрема даночните обврзници во С. Македонија. Тој истакна дека во моментов развиваат концепт на операции кој ќе овозможи подобрување на услугите за даночните обврзници.

На средбата претседателот Азески го истакна традиционалното силно партнерство кое го има Комората со Управата за јавни приходи години наназад, дефинирајќи, градејќи и реализирајќи заеднички проекти во интерес на компаниите и на државата.

Претседателот Бранко Азески ја нагласи потребата на бизнисот од предвидливост и од правна сигурност, која е незаобиколен основен фактор во обезбедувањето на ликвидноста на компаниите, но и на економската перспектива на нашата држава, а навремениот поврат на данокот на додадена вредност на компаниите во моментов е на врвот на барањата на бизнис-заедницата од Управата за јавни приходи на РСМ. Повратот на платениот данок на додадена вредност на компаниите не смее да чека и не смее да се повторуваат ваквите задржувања во корист на државниот буџет, а на штета на бизнисот, кој е локомотива за економскиот раст, што значи дека треба да се најде соодветна законска норматива со која ликвидните средства на бизнисот не смеат да чекаат и да се врзуваат со неоправдано долги даночни контроли, истакна претседателот Азески.

Покрај приоритетното барање за навремен поврат на ДДВ, Комората во изминатиот период упати предлози и иницијативи кои беа разработени и поткрепени со детални аналитички истражувања. Станува збор за барања кои ќе овозможат воспоставување еден инклузивен процес за подобрување на статусот на даночните обврзници, ќе овозможат брз и целосен увид во трансакциите на економските субјекти, ќе отворат силен практичен фронт во борбата против сивата економија и ќе влијаат врз практичното изедначување на примената на прописите на терен, а како позначајни претседателот Азески ги издвои:

  • интегрираното електронско поврзување на сите соодветни бази на податоци кај УЈП;
  • задржувањето на експертите во УЈП и привлекувањето нов кадар, особено во даночната инспекција, нивната поголема мотивираност и натамошна континуирана едукација, но и одговорноста за долгите постапки и за неизвршените дејства;
  • креирањето бела листа на даночни обврзници како мерка за поттикнување на легалното работење и за зголемување на даночната дисциплина кај другите субјекти; 
  • формирањето советодавен одбор на даночни обврзници при УЈП како консултативно тело, со што ќе се унапреди соработката меѓу УЈП и деловните даночни обврзници и што ќе биде во насока на подобрување на примената на даночната политика и на комуникација со даночните обврзници, како и на објаснување и координација со заинтересираните страни;
  • воведувањето централизиран систем на фактурирање и на следење на резервите (Е-ФАКТУРА) во секоја фаза на прометот и на воведувањето Е-ФИСКАЛНА СМЕТКА – робусни алатки во борбата против сивата економија;
  • борбата со сивата економија во електронската трговија со цел елиминирање на нелојалната конкуренција.
Управата за јавни приходи е институција која својата визија и мисија ја креира и ја реализира преку градење и обезбедување едноставни даночни постапки и дигитализирани услуги за помош и за поддршка на даночните обврзници, заради навремено и точно исполнување на нивните обврските. Во постигнувањето на овие цели, кои се целосно во согласност со нашите иницијативи, Комората како најстара бизнис-асоцијација, која во своите редови ги има најдобрите компании и најдобриот кадар во нашата држава, е вистински партнер. Комората умее навреме да ги идентификува актуелните потреби, да ги утврди начинот и патот за нивна успешна реализација, но и е непоколебливо подготвена партнерски да учествува, посочи претседателот Азески.