„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
26.08.2022
Развивањето млади таленти и стекнувањето основни вештини за решавање проблеми и за критичко размислување се главни приоритети на компанијата „Џонсон Мети“, членка на Стопанската комора. За таа цел, пред почетокот на новата учебна и студиска година, компанијата „Џонсон Мети“ му донираше повеќе од 23.000 евра грант на Институтот за хемија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Средставата од овој грант ќе се искористат за модернизација на лабораторијата во рамките на Институтот, што ќе им помогне на студентите во унапредувањето на нивните вештини и компетенции од областа на хемијата и на хемиското инженерство. Истовремено, лабораторијата ќе имаат можност да ја користат и учениците од основните и од средните училишта за правење експерименти при подготовка за учество на натпреварите по природни науки. Идејата оваа лабораторија да се користи и од учениците од основните и од средните училишта произлезе од неодамнешните достигнувања и медали што ги освоија нашите средношколци на Меѓународната олимпијада по хемија, годишен академски натпревар со 83 земји учеснички од светот.
Компанијата „Џонсон Мети“ му донираше и примероци од соли на благородни метали на Сојузот на хемичари и на технолози на Македонија, за да придонесе во нивната колекција на оригинални хемиски елементи на периодичната табела, со цел обезбедување практични искуства за студентите и поттикнување кариера во иновациите и во науката.