„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ДО ЕДИНСТВЕНИОТ ЕУ-ПАЗАР ПРЕКУ ПОДЛАБОКА РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА ИНТЕГРАЦИЈА

29.04.2022

Во организација на Коморскиот инвестициски форум, во Брисел се одржа средба на бизнис-платформата на Западен Балкан – ЕУ, со која се обезбедува континуиран и структуриран дијалог меѓу носителите на одлуки во ЕУ и бизнис-заедницата од ЗБ, претставена преку Бизнис-советот на КИФ.

Пред репрезентативниот состав на претставници од Европската комисија и нејзините директорати (DG Near, DG Taxud, DG Trade, DG Move), Секретаријатот ЦЕФТА, Регионалниот совет за соработка, Еурочемберс и од Транспортната заедница, коморите од регионот ги претставија видувањата на бизнисот, од спроведеното истражување меѓу приватниот сектор, како согледување за примена на акцискиот план за заеднички регионален пазар.

Во согласност со приоритетите во секоја од клучните области на заедничкиот регионален пазар, времето на чекање на граничните премини треба да се минимизира и да се предвиди; инфраструктурата и персоналот, заедно со граничните процедури, да не бидат клучната пречка во обезбедувањето непречено движење на стоките во регионот и да се дејствува на главните предизвици, а тоа се неусогласеноста на работното време меѓу граничните агенции и недостигот од координација меѓу различните агенции вклучени во физичката инспекција. Нетарифните бариери се сѐ уште сериозни пречки за водење бизнис, за што е неопходно воспоставување и примена на програми за меѓусебно признавање на сертификатите и на анализите. 

Главните бариери кај услугите се лиценците, различните технички стандарди, како и нетранспарентните правила и процедури. Што поитно треба да се договори меѓусебно признавање на професионалните квалификации, почнувајќи со рамковен аранжман кој опфаќа одредени пилот-квалификации. Подеднакво е важно да се отстранат пречките за мобилност на студентите, истражувачите и на професорите. Најголеми проблеми во контекст на вработувањето се долгите процедури за добивање работни дозволи.

Наедно, евидентно е дека на компаниите им недостигаат детални информации за сите прашања поврзани со зелената агенда за ЗБ и дека имаат потреба од градење капацитети во овие области, а за активностите во оваа насока бизнис-заедницата од Западен Балкан треба да добие дополнителна поддршка во наредниот период.

Главните деловни коментари ја нагласуваат и потребата од дигитализација на административните процедури, особено во областите каде што е потребна документација. Натамошната поддршка за бизнисот во регионот треба да вклучи дигитална трансформација и поттикнување на електронската трговија, за да се олесни влезот на други пазари.

Актуелната состојба во Украина на подолг рок може негативно да се одрази врз стопанството во регионот, па затоа е потребна поддршка од ЕУ за евроинтегративниот пат на Западен Балкан, кој би бил еден од основите за макроекономска стабилност и за инвестициска атрактивност на регионот. 

Сите укажувања кои беа основа и за дијалогот на средбата потврдуваат дека целосната примена на заедничкиот регионален пазар останува прашање од најголем приоритет за бизнис-заедницата во регионот, и покрај заостанувањата во неговата примена во првата година и половина.

Според Светозар Јаневски, член на Бизнис-советот на КИФ, за да се биде конкурентен, потребно е во стратегијата за настап на европскиот пазар заеднички да се усогласат бизнис-заедницата во регионот и политиката. „Образованието да се сфати како вложување во иднината, а не како средство за остварување профит. Важно е акцентот да се стави врз развојните цели и врз градењето можности за младите луѓе, бидејќи без тоа нема да има иднина“, посочи Јаневски.

Во дискусијата за Европската комисија зацртани се целите на економскиот и на инвестицискиот план за Западен Балкан, а тоа подразбира:

- поддржување за долгорочно економско заздравување на регионот, засновано на зелена и на дигитална транзиција, што ќе доведе до одржлив економски раст и до спроведување реформи за да се придвижи напред на патот кон ЕУ и до единствениот пазар на ЕУ;
- зголемување на конкурентноста на регионот преку подобрување на одржливото транспортно и енергетско поврзување;
- ослободување на економскиот потенцијал на регионот и на просторот за зголемена регионална економска соработка и трговија;
- значителен инвестициски пакет со финансирање од ИПА III до 9 милијарди евра, со можност за искористување дополнителни 20 милијарди евра инвестиции преку Гарантниот фонд на ЗБ.

За сево ова потребни се здружени напори – Европската комисија обезбедува финансирање, а Западен Балкан треба да ги спроведе и да ги донесе реформите.