„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ПРЕЗЕНТИРАНИ МОЖНОСТИТЕ ЗА ИЗВОЗНИТЕ КОМПАНИИ - ПРОГРАМА ЗА РАЗВОЈ НА ДОБАВУВАЧИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

24.02.2022

Во организација на Стопанската комора на Северна Македонија како една од шесте стопански комори основачи на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) на Западен Балкан (ЗБ6) се одржа он-лајн презентација на активностите и услугите во рамките на КИФ.

Настанот го отвори Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор за претставување на членките и вмрежување којашто посочи дека во рамките на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) изработени се две дигитални платформи (Market access Database и Market Intelligence Database) кои на компаниите треба да им го олеснат наоѓањето на информации за пристап до некој од другите пазари од регионот, можностите за вмрежување со нови трговски и бизнис партнери и заедничко учество на промотивни настани.

Презентери на настанот беа г-ѓа Марија Ашковиќ Матиќ којашто воедно е и проект координатор на КИФ ЗБ6 и проф. д-р Дарко Лазаров, претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија.

Проф.д-р Лазаров накратко ги претстави можностите што ги нуди Market access Database платформата и го појасни начинот и условите за регистрирање на сите заинтересирани компании.

На платформата во моментот регистрирани се повеќе од 2100 компании коишто нудат 2518 продукти и 886 услуги. Платформата е извонредна дигитална алатка за вмрежување на компании особено во делот на синџирите за снабдување како и за интензивирање на регионалната соработка посочи проф. д-р Лазаров.

Г-ѓа Ашковиќ Матиќ ги претстави и другите активности на коишто во изминатиот период КИФ во соработка со ЗБ6 интензивно работеше во насока на креирање на поголема поддршка на компаниите од регионот. Во изминатите две години на настаните организирани од страна на КИФ Зб6 присуствувале над 6000 учесници на вкупно 10 тематски семинари и обуки наменети за компаниите, 10 инфо денови, 2 големи Б2Б настани за градежништво и инфраструктура и за преработка на храна и 2 големи бизнис настани за вмрежување.

Исто така Г-ѓа Ашковиќ Матиќ ги презентираше и идните активности и планови како претстојниот саем во Мостар за компании од агро сектор коишто се занимаваат со органско производство и циркуларна економија (5-7.4.2022) и конференцијата за инвестиции наменета за автомобилската индустрија и агро секторот.