„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
21.02.2022
Бизнис Центар за тренинг и обука
Ако тргнеме од постулатот дека образованието е столб на економијата, тогаш јасно е дека нема развој на економијата во иднина, без квалитетно образование денес. За да стигнеме до таму, потребни три значајни работи за образованието: компетентен министер за образование и наука, кој ја знае својата улога и ја разбира суштината на образованието - да произведува компетентни и стручни лица; зголемени издвојувања на средства од БДП за образование (од сегашните 3,2% на 5%) и квалитетни наставници, подготвени да се справат со сите предизвици што ги носи новото време. Сепак ќе тргнам од последна. Деновиве е актуелна темата за новиот Закон за наставници, но мене многу повеќе ме загрижува улогата што ја има наставникот во денешно време и се обидувам да најдам одговор на две прашања:
1. Колку е ценета професијата наставник?
2. Колку е подготвен и оспособен наставникот да одговори на барањата на новото време?
Иако живееме во време кое изобилува со бројни информации и податоци, и различни начини и средства на стекнување знаења, вештини и компетенции, улогата на наставникот останува иста: воспитување и образување на младите единки кои ќе израснат во здрави, образовани и компетентни индивидуи, способни да го понесат товарот на животот и новото време. Наставникот има клучна улога во животот и креирањето на иднината на младата личност, и влијае на иднината на општеството во целост. Од неговата посветеност, и мотивација зависи усвојувањето на знаењата, стекнувањето на вештините, развојот на компетенциите, убедувањата, моралните квалитети и однесувањето на младата генерација. Своето работење го прилагодува на специфичните потреби на учениците, нивните можности, интереси, желби и способности.
Професијата наставник е една од најодговорните, но и најпочитуваните професии. Сепак, кај нас, овој постулат за најпочитувана професија, постоел во минатото. Денес се наоѓаме во еден критичен момент кога на оваа професија не се гледа од позитивен агол, и без разлика колку промени во општеството да се случуваат, а генерациите да се менуваат, улогата и функцијата на наставникот не смеат да се занемарат. Свесно, сите мора да работиме да и го подигнеме дигнитетот за повторно да стане ценета професија.
Оттука, за да се случи сето ова протребно е даго смениме нашиот фокус на гледање кон оваа професија, да ја редефинираме нашата стратегија и да воведеме нова тактика.
Прво, мора да се пристапи кон соодветно вреднување на работата на наставникот и подобрување на условите за работење, за што зборував во повеќе наврати во моите колумни.
Второ, потребно е да се направи вистински избор на кандидатите за наставници. Тоа ќе се постигне со пропишување соодветни критериуми за упис и воведување на приемен испит.
- Пропишувањето соодветни критериуми за упис подразбира дефинирање на општи и специфични критериуми за упис, кои се однесуваат на високиот просек на оцените на завршените ученици, доделени награди од предметни подрачја и способност за писмено изразување преку доставување мотивациско писмо за изучување на професијата наставник. Досегашната пракса покажа дека освен општите критериуми кои важат за сите факултети (просек од општиот успех и положена државна матура), нема пропишани специфични критериуми за упис.
- Воведување приемен испит за секој кандидат кој сака да се запише на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник, преку кој ќе се врши проверка на знаењата за логичко размислување, примена на математички операции и писмено изразување и говорење. Недозволиво е да се запише секој кандидат на овие факултети, посебно не оние, кој немаат љубов кон оваа професија. Во Финска, само 10% од најдобрите ученици, можат да се запишат на факултетите за наставници, а наставниците мораат да има завршено магистерски студии и да поседуваат лиценца за наставник за да можат да предаваат.
Трето, неизбежна е реформа на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник. Првенствено е неопходно, подигање на квалитетот на професорскиот кадар кој треба да ги има истите компетенции со оние што треба да ги имаат идните наставници, а потоа модернизација на студиските програми според новите барања и техники на учење и подучување на учениците, развивање на критичкото мислење и решавање проблемски ситуации. Студиските програми треба да предвидуваат четиригодишни студии и вкупен број на кредити не помалку од 240, без исклучок.
Четврто, практичната обука за стекнување стручни вештини, треба да биде услов за одбрана на дипломскиот труд. Нејзиното времетраење потребно е да биде од три до пет месеци во училишна средина, а изборот на менторот за поддршка и следење на студентот треба да се прави според соодветни критериуми. Училиштата кои примаат студенти на пракса да бидат соодветно финансиски поддржани. Наставникот мора да поседува стручни компетенции за својата професија и професионализам во работењето што вклучува висока одговорност, етика и доверба на јавноста во работата на наставникот.
Петто, неопходна е брза измена на начинот на финансирање на факултетите на кои се стекнува квалификација за професијата наставник. Пристапот на финансирање каков што се применува денес, според бројот на запишани студенти, треба да се напушти, затоа што интересот на државата мора да биде насочен кон образување наставници според квалитет, а не според квантитет. Ваквиот пристап на финасирање го поттикнува зголемувањето на квотата за упис и не обезбедува иницијативност за селектирање на идните студентите при уписот. Дополнително, како критериум за зголемување на висината за финансирање на факултетите може да биде и бројката на вработени дипломирани стиденти што произлегле од овие факултети и нивните постигнати резултати по вработувањето.
И на крај, доколку сакаме образование кое ќе испорачува кадри потковани со добро знаење, кадри кои ќе бидат компатибилни и на пазарот на трудот, но и конкурентни во секоја Европска држава, мора да работиме и на промена на перцепцијата на професијата наставник, професија која ќе значи авторитет и принцип, затоа што наставникот е креатор на уникатни единки, специфични сами по себе на лично и професионално ниво, со специфични вештини и компетенции препознати од бизнис заедницата. Затоа е потребно, не само декларативни изјави за промена на перцепцијата, туку со партнерски однос помеѓу Владата, образовните институции, Комората и работодавачите да се почне да се работи на разрешување на оваа проблематика. Се разбира, работата не е ни малку лесна, но сепак надеж има.
„Осредниот наставник кажува. Добриот наставник објаснува. Супериорниот учител покажува, но Големиот учител инспирира". (Вилијам Артур Ворд - американски писател)