„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
31.08.2021
Програми и Регулатива за фин. на проекти
Конференцијата со наслов „Како до видливи, валидирани, вреднувани и до одржливи вештини за енергетска ефикасност во градежништвото?“, која се одржа во Хотелот „Александар палас“, го означи почетокот на примената на европскиот проект „SEEtheSkills – одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вреднувани“, кој е дел од Европската програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“.
„Проектот „SEEtheSkills“ е изграден врз искуствата и врз резултатите од претходните три проекти, а главна цел на оваа четврта фаза во следните 3 години е да се постигне поголема видливост, пристап и препознавање на енергетските вештини меѓу партнерските земји, преку нивно вкрстено валидирање, засновано врз резултатите од учењето, користејќи нов 3В-пристап (видливи, валидирани и вреднувани) за директно стимулирање на побарувачката за енергетски вештини од градежниот сектор на пазарот“, посочи Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на Северна Македонија, координаторот на Проектот.
Интензивно ќе се работи на креирање широка, интегрирана база со податоци за сертифицирани работници, за достапни обуки за енергетска ефикасност и за компании кои вработуваат сертифицирани лица, како и каталог на енергетски ефикасни материјали. Уште повеќе, Северна Македонија на своите партнери ќе им ја пренесе и методологијата за препознавање претходно учење, како начин за сертифицирање на информално стекнатото знаење и на вештините, како и искуствата од нејзиното пилотирање. Преку Проектот од сите 5 земји заедно се планира да се вклучат околу 500 градежни професионалци, 2.000 работници, 1.200 станари или сопственици на објекти, над 50 професионални организации, 200 компании и слично.
Присутните на Конференцијата ги поздрави извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Антони Пешев, кој истакна дека од голема важност е што Комората ќе биде координатор на овој значаен проект во следните три години, и тоа во соработка со 10 партнери, од кои 7 партнери од земјите на Европската Унија, и дека веќе по четврти пат успева успешно да координира проекти од Европската програма „Хоризонт 2020“.
Заменик-министерот за образование и наука во Владата на РСМ, проф. Арафат Шабани, констатираше дека овој проект е сериозен обид да бидеме во чекор со Европа за остварување на енергетските цели и за реализација на активностите за надминување на климатските предизвици.
Г. Лука Анџелино, претставник од Европската комисија, кој наедно е и проектен советник од Европската извршна агенција за клима, инфраструктура и за животна средина, накратко ја објасни улогата на проектот „SEEtheSkills“ во европската иницијатива „Build up skills“ и во агендата на Европскиот зелен договор.
„Една од основните цели на Проектот е подигнување на капацитетите на работна сила во градежниот сектор. Тука станува збор за работници, техничари и за инженери од областите на енергетската ефикасност. Основните цели се во согласност со Зелениот договор на Европската комисија, при што една од мерките до 2025 година е намалување на емисиите на стакленички гасови на нула. Тоа ќе се постигне преку мерки за енергетска ефикасност и за искористување на обновливите извори на енергија“, истакна проф. д-р Христина Спасевска, проректор за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Проф. Спасевска додаде дека градежниот сектор не е случајно избран, бидејќи, традиционално, во нашата земја претставува област во која работат работници кои немаат формално образование и токму една од целите на Проектот е едукација и сертификација на работниците, техничарите и на инженерите. Проектните тимови од нашата држава веќе имаат искуство со сертифицирање голем број работници, особено за енергетска ефикасност во рамките на веќе развиената методологија за препознавање претходно учење (знаења и вештини), а партнерите од другите земји ќе го пренесат искуството за формирање бази на податоци со сертифицирани работници во градежните компании и бази на податоци со материјали за енергетска ефикасност.
Г. Грегор Фиско од Трговско-индустриската комора на Словенија истакна дека од големо значење за Проектот, во чиј фокус е градежниот сектор, кој не е технолошки развиен, е да се подготви за идните предизвици што ги носат климатските промени, а во следните три години Проектот ќе даде јасна визија како да се насочиме на подолг временски рок.
Конференцијата беше поделена на три панели, на кои зборуваа експерти од коморите од партнерските земји на следните теми:
- Градежни вештини – важноста на нивната видливост и на улогата во зелената агенда на ЕУ ;
- Разновидноста на енергетските вештини на меѓународно ниво како проблем за нивно препознавање и вреднување (учество зема, акцент стави врз репликацијата на методологијата за признавање на претходното знаење во фокусот на неформалното образование) и
- Зголемување на вредноста на енергетските вештини – врската што недостига меѓу енергетски ефикасната градба и стремежот за доусовршување .
На последната панел-дискусија свое излагање имаше м-р Нена Николовска, експерт за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали од Стопанската комора на Северна Македонија, која зборуваше за потребните законски измени, со цел стимулирање на побарувачката за енергетски ефикасно градење.
Според бизнис-секторот, Законот за енергетска ефикасност треба да ги определи правната рамка и насоките на стратешко ниво, a во таа смисла треба да ги регулира и да им наметнува обврски, пред сé, на субјектите од јавниот сектор, на субјектите кои произведуваат, дистрибуираат и снабдуваат со енергија, како и на државните органи, во однос на донесувањето стратегии, документи и мерки за стимулирање на енергетската ефикасност и на контролата на нивното спроведување. Енергетски ефикасното градење, според бизнис-заедницата, треба да биде дефинирано во Законот за градење и на оперативно ниво уредено со подзаконски акти за негова примена, со оглед на тоа дека овие прописи ги уредуваат проектирањето, ревизијата, изведбата и надзорот на објектите, а контролата на нивната примена е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. На тој начин, сите прашања што го засегаат работењето на градежните компании би биле систематизирани во една област, би се обезбедила доследна примена на прописите од таа област и, на тој начин, би се поттикнала побарувачката за енергетски ефикасно градење.
Во однос на усвојувањето информациско моделирање градби (БИМ) во легислативата, кое е во фокусот кога станува збор за дигитализација на градежништвото и за енергетски ефикасно градење, клучни чинители во процесот треба да бидат:
- институциите и државата, во насока на обезбедување поволно деловно опкружување и соодветна правна рамка, која ќе овозможи воведување и примена на современите технолошки решенија во градежништвото;
- образовните институции, кои ќе работат на приспособување на образовните програми на потребите на бизнис-заедницата, со цел подготовка на стручен кадар кој ќе може да се приклучи во работниот процес и да ги примени новите технолошки решенија;
- градежните компании, кои треба да бидат подготвени да инвестираат во примена на нови програми и на технологија, но и во подготовка на кадар кој ќе знае да работи и да ги применува.
Во рамките на активностите за зголемување на вредноста на енергетските вештини, Проектот планира силно да ја поттикне свесноста за значењето на вештините и на нивната вредност, иницирајќи го на тој начин „бранот на реновирање“, како компонента на Европскиот зелен договор, како и активности во форма на предлози за зајакнување на легислативата за енергетска ефикасност на градбите, што е, всушност, втората компонента на Европскиот зелен договор.
Проектот „SEEtheSkills“ ќе се реализира во наредните три години, во партнерство со 10 партнери од 5 земји: Северна Македонија, Словачка, Словенија, Шпанија и Холандија, а Стопанската комора на Северна Македонија e главен имплементациски партнер. Сите партнери заедно ќе ги реализираат предвидените активности, во согласност со динамиката и со работните задачи дефинирани во овој проект.