„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

МОЖНОСТ ПОВЕЌЕ ЗА НОВИ БИЗНИС-ПАРТНЕРСТВА КОИ ЌЕ ЈА ПРИДВИЖАТ РАЗМЕНАТА МЕЃУ АВСТРИСКИТЕ И МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ

29.03.2023

Стопанските комори на Македонија и на Австрија организираа Македонско-австриски бизнис-средби со цел поттикнување на соработката меѓу компаниите од двете земји (29.3.2023 година).

-Посетата на австриските бизнисмени во земјава е одговор на зголемениот интерес за соработка што го иницираат бизнисмените. Австрија е наш докажан партнер, но лани, за жал, Северна Македонија забележа негативна размена – извезуваме за 70-ина милиони помалку од што увезуваме. Тоа е сигнал дека треба да се поработи во делот на инвестициите кои ќе имаат излез на австрискиот пазар и затоа форсираме ситуација во која наместо австриските фирми да доаѓаат тука да инвестираат директно, да инвестираат преку joint venture со наши компании – истакна Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија.
-Деловната соработка меѓу компаниите од двете земји веќе 20 години континуирано се интензивира и се унапредува. Ова досега е најголемата бизнис-делегација од Австрија во посета на Стопанската комора – изјави регионалниот менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија, Рихард Бандера, и во име на австриската бизнис-делегација искажа благодарност за добрата соработка и организација на денешниот настан.
-Дојдовме со намера да ги зајакнеме стопанските врски и стопанската соработка меѓу двете земји. Ние сме најголемиот инвеститор во Северна Македонија, а овде се и две фирми кои веќе изразија подготвеност да ги прошират своите инвестиции во секторите автомобилски делови и телекомуникации – изјави регионалниот менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија, Рихард Бандера, пред Форумот.
Како дел од австриската делегација присутни беа 25 еминентни австриски стопанственици кои остварија директни деловни средби со повеќе од 60 македонски компании од различни области, и тоа од сферата на телекомуникациите, радиодифузери и кабелски компании, проектирање (од развој на проекти до надзор на изградба), високотехнолошки решенија во делот на роботиката и на автоматизацијата, снабдувачи на системи за индустриска вентилација и во други области.
Република Австрија е 20-ти трговски партнер на Република Северна Македонија за 2022 година. Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Австрија во 2022 година изнесува 248 милиони САД $, што претставува раст од 5,19 % во однос на истиот период од минатата година. Притоа, остварен е раст од 2,14 % во извозот, што изнесува 88,5 милиони САД $, а увозното салдо бележи раст од 7 % и изнесува 160 милиони САД $.
Австрија е втор најголем инвеститор во Република Северна Македонија, земајќи ги предвид податоците од Централниот регистар на РС Македонија за последните пет години, при што Австрија во 2021 година има остварено најмногу инвестиции во земјава во износ од 101,5 милиони евра.
Во согласност со статистичките податоци за 2022 година, постои простор за поголема економска соработка, што во моментов треба да се поттикне и да се насочи правилно, затоа што евидентиран е негативен биланс во трговската размена од 71,4 милиони САД $.
Најзначајни австриски инвестиции во Република Северна Македонија се инвестициите во електроенергетскиот сектор (ЕВН Македонија), банкарскиот и финансискиот сектор (Шпаркасе банка), телекомуникацискиот сектор (А1 Македонија), во градежништвото (Соравија груп) итн.
По завршувањето на официјалниот протоколарен дел се остварија и голем број билатерални деловни средби меѓу македонски и австриски компании.