„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

АНАЛИЗИТЕ И ПРЕДВИДУВАЊАТА ЗА ПОНУДАТА И ПОБАРУВАЧКАТА НА ВЕШТИНИ-КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА СОЗДАВАЊЕ ПРОФИТАБИЛНИ БИЗНИСИ

29.03.2023

На Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола , беше одржана третата тркалезна маса на тема: „Усогласување на понудата и побарувачката на вештини-клучен фактор за создавање профитабилни бизниси“ во организација на Советот за развој на тренингот и обуките при Стопанската комора.

На тркалезната маса беа презентирани наодите од идентификација на понудата и побарувачката на вештини на регионално и локално ниво со фокус на Пелагонискиот плански регион и услугите што ги нуди Комората преку Советот во рамките на своите стратешки приоритети – обезбедување функционално и пазарно ориентирано стручно образование и обука и обезбедување стручен кадар за компаниите кој ќе создава додадена вредност во компанијата за конкурентност на регионалните и европските пазари и зголемување на извозот.
Движењето на понудата и побарувачката на работна сила имаат клучно значење за развој на реалниот сектор затоа што разбирањето на состојбата на пазарот на работна сила е значајно за идните предвидувања и вложувања на компаниите. Податоците, информациите и наодите се база за информирано одлучување и планирање на идните активности на компаниите.
Појдовна основа за дискусија се наодите од „ Анализата за понудата и побарувачката на вештини во петте плански региони (Скопски, Вардарски, Источен, Југоисточен и Пелагониски регион ) во Северна Македонија  изработена од проф. д-р Благица Новковска, национален експерт за пазарот на трудот и образованието, со поддршка на Стопанската комора и проектот „Образование за вработување (Е4Е)“.
На тркалезната маса присуствуваа претставници од бизнис секторот, директорите од средните стручни училишта од Битола, проректорот за настава на Универзитетот во Битола, претставници од факултетите, локалната самоуправа од Битола и Агенцијата за вработување.
Пелагониски регион:
1. Регионалниот развоен индекс* за Пелагонискиот регион (последни официјални податоци 2017 година) е релативно висок и изнесува 0,91 што во споредба со предходните 5 години има оствaренo напредок од 0,18.
2. Најголем регион по површина кој опфаќа 18%, а втор по население по Скопскиот регион. Бројот на население за 10 години е во опаѓање од 234320 на 226837 жители, а за наредните 10 години се предвидува бројот уште повеќе да се намалува - 207965 жители што се должи на стареење на населението.
3. Доминантната структура на работоспособното население изнесува од 35-39 годишна возраст.
Наод: Доминатната структура претставува постара структура во работната сила и позабавена динамика на прилив на младото население што значи и намалување на работоспособното население.
4. Надворешната миграција е со различен интензитет во различни временски периоди со тенденција на благо покачување. Овој регион има позитивно миграциско салдо (според регистрирани лица), што значи дека повеќе лица доаѓаат отколку што заминуваат.
Наод: Благото покачување на процентот на надворешната миграција во наредните 10 години може влијае на зголемување на стапката на слободни работни места.
5. Внатрешната миграција е релативно висока и изнесува 403 отселени лица за последните 10 години и ќе продолжи и во наредните 10 години.
Наод: Високата внатрешна миграција на лицата може да се должи на згаснување на некои сектори кои беа најпогодени од ковид кризата. Исто така, вештините на лицата од овој регион ги надополнуваат побаруваните вештини во другите региони, што значи осип на работоспособното население во овој регион.
6. Стапката на слободни работни места е висока и изнесува 1.89 во однос на другите региони, со предвидување дека ќе расте и во наредните 10 години.
Наод: Високата стапка на слободни места може да се должи на стареење на населението, раст на бројот на компаниите или недостаток на барани квалификации.
7. Висока бројка на вработени лица кои ги изгубиле работните места и тоа на лица со високообразовни квалификации и магистрирани лица што е неповолна структура на лица кои губат работни места.
Наод: Потребни се процесите на преквалификација и доквалификација за да не се испушти работниот потенцијал со високообразовни квалификации. Високообразовните институции потребно е да внесат нови квалификации.
8. Стапката на невработеност е релативно висока и изнесува 13.1, со тенденција на опаѓање во следните 10 години.
Наод: Високата стапка на слободни работни места со ниска стапка на невработеност покажува дека нема усогласување на понудата и побарувачката на вештини што значи дека мора да се користат процесите на преквалификација и доквалификација на завршените лица.
9. Доминантни дејности: земјоделската и прехранбената дејност, како и трговија на големо и мало, а според прогнозите за наредните 10 години преработувачката дејност брзо ќе расте, додека земјоделската дејност ќе опаѓа.
10. Главни растечки сектори за наредните 10 години во кои ќе расте и бројот на вработувања се преработувачката индустрија и информации и комуникации.
Наод: Секторот информации и комуникации расте во Пелагонсикиот и Скопскиот регион, додека во другите три опаѓа. Оваа ситуација е неочекувана, заради тоа што овој сектор има големи можности за развој и би требало да се развива во сите региони. Секторот земјоделство, лов и шумарство и рибарство забележително опаѓа во Пелагонискиот регион што се очекува концентрацијата на вештини генерирани од образованието и обуката за овој сектор да биде значително помала во Пелагонискиот регион.
11. Главни опаѓачки сектори за наредните 10 години во кои ќе има и намалување на бројот на вработени се трговија на големо и мало; земјоделството, лов, шумарство и рибарство и градежништвото, додека секторот рударство и вадење камен е загрозен сектор.
12. Дефицитарни квалификации: Машински механичар, Обработувач на метал, Заварувач, Архитектонски техничар, Градежен техничар, Техничар дизајнер за внатрешна архитектура, Графички техничар, Правен техничар, Техничар за трговија и маркетинг, Електротехничар-енергетичар, Електротехничар за компјутерска техника и автоматика, Машински техничар, Машинско-енергетски техничар, Техничар за компјутерско управување, Конфекциски техничар, Текстилен техничар, Техничар за обувки, Конфекциски компјутерски оператор, Прехранбен техничар, Производно-процесен техничар, Хемиско-технолошки техничар, Техничар за мебел и ентериер, Техничар за обработка на дрво.
Наод: Дефицитарните квалификации се претежно од средното стручно образование и се однесуваат на претежно на квалификации од електро и машинскиот сектор, но се јавува потреба од квалификации од секторот текстил, кожа и слични производи и градежништво и геодезија.
13. Бројот на активни деловни субјекти е намален и изнесува 7791 во однос на 2018 година, кога изнесувала 8064 (податоци 2018 година).
Наод: Намалувањето на бројот на деловни субјекти се јавува кај микро претпријатијата, но се зголемува бројката кај малите, средните и големите претпријатија што значи дека или се јавуваат мали и големи претпријатија или микро претпријатијата прераснале во мали и средни претпријатија.
14. Зголемување на бројката на средни, од 57 на 77 компании и на големи од 34 на 46 компании.
*регионален развоен индекс-композитен индикатор за вредностите од повеќе економскo-социјални и демографски индикатори
Заклучоци и препораки од тркалезната маса:
Ø Да се обезбеди систематски приод и континуирано следење на понудата и побарувачката на вештини.
Ø Да се изработаат стратегии за развој на локално и регионално ниво согласно анализите и предвидувањата.
Ø Да се обезбеди снабдување со клучни вештини за полесно вработување на младите преку унапредување на постоечките или изработка на нови образовни програми во формалното стручно образование и обука согласно со потребите на растечките сектори во овој регион.
Ø Да се подобри врската помеѓу компаниите и стручните училишта со зајакната практична обука насочена кон клучните вештини и компетенции потребни на компаниите.
Ø Да се користат услугите на Комората за обезбедување програми за обуки за преквалификација и доквалификација на невработени за соодветна компанија со можност за нивно вработување, посебно за специфични квалификации: аргон-заварувачи, електроничари за поправка на машини за земјоделска механизација, техничари за земјоделска менанизација и возачи на земјоделска механизација.
Ø Да се обезбедат нови програми за обуки за преквалификација во секторот текстил, кожа и слични производи и градежнижво и геодезија.
Ø Да се дизајнираат нови студиски програми за високообразовните квалификации според потребите на растечките сектори со учество на бизнис заедницата.
Ø Практична примена на законската обврска за кариерно советување на учениците од основното образование.
Ø Да се креираат критериуми за упис во стручното образование.