„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од здруженијата

Одржана седница на Здружението на хемиската индустрија

26.01.2023

Здружението на хемиската индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија на ден 26.1.2023 година одржа работен состанок, на кој се дискутираше во врска со работната верзија на предлогот на Законот за данок за солидарност, но и се вршеа консултации со компаниите за новиот предлог на Законот за работни односи.

Претседателот на Здружението на хемиската индустрија, господинот Александар Чадиковски, истакна дека оваа индустрија во Република Северна Македонија е од особено значење за растот на БДП и на индустриското производство, како за бројот на вработените така и за извозот кој се реалира на годишно ниво. Оваа индустрија во Македонија во последните години е во тешка ситуација, се соочува со многу предизвици, а тоа е резултат на повеќе услови, како на пример пораст на цената на енергенсите и на суровините за производство, но и на огромниот пораст на цената на електричната енергија, која, просечно, минатата година изнесувала 275 евра од MW/h. Секако дека ако една ваква ситуација продолжи и во наредниот период, би резултирало со намалена економска активност, што би имало голем, негативен, економски ефект во однос на профитабилноста, конкурентноста и ликвидноста на компаниите.

На состанокот се дискутираше во врска со работната верзија на предлогот на Законот за данок за солидарност, а целта од примената на овој закон е обезбедување финансиски средства преку данокот за солидарност, кои во целост ќе се користат за финансирање на програмата „Мерки за справување со кризата КОВИД 19 и други антикризни мерки заради обезбедување на општиот интерес“. Компаниите имаат многу забелешки за предлогот на Законот, при што укажуваат дека се доведуваат во понеповолна положба доколку инвестирале во претходните години, а оствариле помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би се остварила како резултат на инвестициите. Беше истакнато дека воведувањето ваков данок создава несигурност кај инвеститорите и доведува до намалување на инвестициите, а со тоа се намалува и нивната конкурентност.

Исто така, се расправаше и за новиот предлог на Законот за работни односи, при што беа истакнати новините во однос на важечкиот закон во делот на одредбите со кои се уредуваат видовите договори за вработување, во однос на уредувањето на работата од далечина, на работата од дома, на одредбите за платено отсуство (мајчинство), како и на користењето на родителското право, на инспекцискиот надзор, колективните договори и слично. Од компаниите беше истакнато дека еден ваков закон, кој е од голема важност како за работодавците така и за работниците, мора да се доработи, да се тргнат сите недоречености кои постојат во него и да се донесе еден добар закон за работни односи,  кој ќе биде вистински применлив во праксата.  

Во следниот период компаниите членки на Здружението на хемиската индустрија продолжуваат да ја следат и да ја анализираат целокупната ситуација во оваа дејност, да ги воочуваат проблемите и да изнајдат мерки и решенија за справување со предизвиците кои им претстојат во наредниот период.