„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

2023-ТА Е ИСКЛУЧИТЕЛНО ТЕШКА ГОДИНА ЗА ИЗВОЗНИОТ СЕКТОР

11.11.2023

СО СТРУКТУРНИ РЕФОРМИ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ КОНКУРЕНТНОСТА И ДИВЕРЗИФИКАЦИЈАТА НА ИЗВОЗНИОТ СЕКТОР!

Претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија проф. д-р Дарко Лазаров во гостувањето на „Блумберг Адрија ТВ“, посочи дека извозниот сектор во 2023 година се соочува со многу предизвици. Извозната активност на компаниие е значително намалена што се потврдува со фактот дека во периодот јануари-септември стапката на раст на извозот на земјата е само 1.4%. Тоа е далеку побавна динамика споредено со 2022 и 2021 година, а со исклучок на 2020 година и Ковид-19 кризата, годинава стапката на раст на извозот на земјата ќе биде најмала во последните 10 години.
Тој истакна дека се забалежува сериозно забавување на извозната динамика на многу ЕУ пазари, особено во Германија како наш најголем трговски партнер каде стапката на раст на извозот во првите девет месеци е само 1%. На некои ЕУ пазари како што се Италија, Бугарија, Холандија и други земји се забележува сериозен пад на извозот во првите девет месеци од годината споредено со истиот период лани. Таков негативен тренд на извоз во истиот период е забележан и во други земји како што е Велика Британија, САД и Русија.
Ова се разбира треба да биде еден аларм за креаторите на економски политики во земјата имајќи во предвид дека извозниот сектор е исклучително значаен сектор за македонската економија и забавувањето на извозот на земјата секако ќе има сериозни негативни импликации во забавување на развојната динамика на земјата.
Во гостувањето проф. д-р Лазаров посочи дека е потребен системски пристап за интензивирање на процесите на структурна трансформација и диверзификација (производна и географска) на извозниот сектор. Тие мерки треба да бидат базирани на два столба. Во рамки на првиот столб треба да работиме на поголема подготвеност за настап на странски пазари преку развој на нови и подобрување на постоечките производи, инвестиции во нови технологии и производни процеси, воведување на стандарди за квалитет. Тука секако компаниите треба да работата заедно со науката и затоа државата треба многу повеќе да ги стимулира тие процеси и инвестиции на компаниите.
Вториот столб се однесува на поголема промоција на македонските извозни компании и производи преку поддршка за настап на странски пазари, учество на меѓународни саеми и манифестации, организирање на купувачки мисии, поддршка на маркетинг и промотивни активности кои ќе ја зголемат видливоста и препознатливоста на нашите комапнии и производи на странските пазари. Економската дипломатија исто така треба да има значајна улога во овој процес на извозна промоција на земјата и да работи заедно со компаниите за полесен настап на нови пазари.
На крај, претседателот на Клубот на извозници проф. д-р  Дарко Лазаров ја потецираше улогата на Стопанската комора на Северна Македонија која со своите капацитети максимално е посветена на поддршка на извозните компании. Националниот совет за извоз, клубот на извозници, новоформираниот институт за извоз, како и советот на странски инвестиции се специјализирани тела во рамки на Комората кои со сет на конкретни активности и алатки започнаа со испорачување на конкретни форми на поддршка за извозниците. Овде државата треба многу поактивно да се вклучи со цел забрзување на овие процеси за јакнење на извозната конкурентност на нашата економија.