„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Интервју за Фактор: Стопанската комора со сите свои капацитети е во процесот кон европската интеграција

03.01.2024

Ниту еден аспект од нашите напори за ЕУ интеграција не е поддржан само со идејата за датум, туку со идејата за подобрување на нашата земја и обезбедување на подобра иднина за граѓаните и бизнис заедницата во целина, вели во интервју за порталот Фактор Ружица Фотиновска, менаџер во Стопанската комора.

Во продолжение го пренесуваме целото интервју
 
- Кои се очекувањата и перспективите на Стопанската комора во процесот на европската интеграција на земјата? Проекциите на владеачката гарнитура се дека европскиот пат ќе се оставри до 2030 година, дали е тоа реално за Комората?
Фотиновска: Стопанската комора на Северна Македонија, како најстара и најголема асоцијација на бизнисот, со висока почит и посветеност кон националниот интерес, секогаш се залага за идејата за европска интеграција на нашата земја и тоа е неспорно. Во многу прилики претходно сме истакнале дека Стопанската комора е приврзана кон поддржување на процесот на вградување на европските вредности во нашата современа реалност. Затоа, ниту еден аспект од нашите напори за ЕУ интеграцијата не е поддржан само со идејата за датум, туку со идејата за подобрување на нашата земја и обезбедување на подобра иднина за граѓаните и бизнис заедницата во целина.
Свесни сме дека очите на многумина се вперени кон нас. И со право. Ние сме Комора со најголем број кадри, секогаш подготвени да направиме позитивни промени. Цениме дека и сега треба да го засилиме нашиот ангажман кон европската интеграција, да се посветиме и да вложиме максимален напор кон вградување на европските вредности во нашиот систем.
Во 2020 година нашата земја стана 30-та земја членка на НАТО. Со тоа реализиравме една од нашите најважни стратешки цели, која беше заедничка и зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година. „После НАТО, Европска Унија“- Оваа порака беше пренесена до политичките елити од бизнис заедницата и компаниите членки на Стопанската комора. Да нема никаква дилема, нашите заложби за членство во ЕУ започнаа уште од самиот почеток, иако во јавноста можеби не го добија заслужениот одек.
Низ годините ни се потврди тоа што го говоревме од самиот почеток - добивањето датум за почеток на преговорите и самите преговори со ЕУ не се цел сама за себе. Тие се елементи на еден процес во кој се усогласува националното со европското законодавство, но индиректно, што треба да им влее дополнителна сериозност и да ги забрза многубројните реформи што земјата треба да ги направи. Крајната цел всушност се реформите и сеопфатно преструктурирање на целото општество за да можеме во даден момент соодветно да се приклучиме на европското семејство на земји. Со или без датум, како земја нас ништо не нé спречува темелно и бескомпромисно да правиме реформи. Тоа си е наша домашна задача што треба да ја завршиме заради нас самите.
-Како Стопанската комора придонесува во преговарачкиот процес? Имате ли да понудите експертски кадар за тоа?
Фотиновска: Како Комора, од секогаш сме биле решени да соработуваме со сите заинтересирани страни и да придонесеме за подобра поставеност на Северна Македонија во Европското семејство. 
Комората формираше Совет за ЕУ интеграции за да може преку консултации со компаниите и конкретни анализи да ги зајакне преговарачките капацитети на државата. Нашите компании се веќе во ЕУ. Над 70% од македонскиот извоз е насочен кон пазарите во ЕУ земјите. Скрининг процесот, покрај презентирањето на досега постигнатото од страна на институциите, исто така е значаен бидејќи ќе ги дефинира иднините рамки и рокови за имплементација на законите и актите кои до сега не се имплементирани. Во рамки на тоа усогласување, од шесте кластери дефинирани во преговарачката рамка, пет се однесуваат на бизнисот и директната имплементација од страна на компаниите. Оттука е многу важно претставниците од Комората да бидат вклучени во делот од поглавјата, но исто така и во веќе воспоставената структура за преговори. За нас секоја промена ќе значи и примена од страна на компаниите.
Не само што ја нудиме нашата експертиза, Стопанската комора во соработка со Европската Унија успешно реализира неколку проекти, кои се директен придонес кон зголемување на конкурентноста, зајакнување на можностите за воведување на нови технологии, воведување на стандарди како при самото работење, така и на самите производи.
-Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески често пати во своите колумни повикува на департизација на администрацијата, посебно тоа го нагласува како услов за влез во ЕУ. Какви се очекувањата на бизнис заедницата?
Фотиновска: Бизнисот вели дека департизацијата на институциите е неопходна за олеснување на преговарачкиот процес со ЕУ и ние стоиме зад тоа. Длабоко сме убедени дека департизацијата е клучен чинител за успешен преговарачки процес со Европската Унија. И сега, кога во предизборието политичките партии ќе ги подготвуваат своите програми, ги повторуваме нашите заложби. Ние го поддржуваме ангажманот за добро национално водење како неопходен предуслов за напредок. Сметаме дека бизнисот, како активен учесник во овој процес, има право и одговорност да повика на департизација на државните институции, да бара разумно трошење, почитување на законите, создавање на подобри услови за бизнис делување. Ние сме реални, бидејќи сме реален сектор. Даваме целосна поддршка и за сузбивање на корупцијата, како наш врвен приоритет.
-Приближувањето кон ЕУ за компаниите ќе значи и повисоки стандарди во работењето, нови инвестиции, зелена економија, намалување на загадувањето. Каква ќе биде улогата на Комората во тој процес?
Фотиновска: Секако сите економски промени кои следат, иако не се лесни, треба да се гледаат и од позитивен аспект. Влегувајќи во процесот на преговори македонските компании и институции ќе бидат обврзани да инвестираат во нови технологии, да се применува енергетската ефикасност во градби, да се поттикне циркуларната економија или рециклирањето на материјалите со цел да се намали загадувањето и да се зајакне зелената економија. Клучната улога на Стопанската комора е да воспостави мост за да може да се олесни, но и финансиски да се поддржи процесот на прилагодување на македонските компании. И со сите инструменти и алатки кои ни се на располагање, ние тоа веќе го правиме.