„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Бараме 10 години економија во програмата на Владата –Стопанската комора на средба со ВМРО-ДПМНЕ

28.03.2024

Бизнисот е тој фактор кој може да обезбеди подобра иднина на Македонија, особено подобра иднина за младите. И затоа, ние како бизнис заедница, а особено како Стопанска комора, очекуваме од идната Влада во следните 10 години да стави акцент на економијата, рече претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески на средба со делегација од ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. 
„Ако не обезбедиме консензус за враќање на правната држава, за борба против корупцијата и за намалување на администрацијата нема да биде можен економски развој. Ние ќе ја охрабруваме идната влада да има таква бескомпромисна политика. Не сакаме да бидат само потврдувани разните желботеки кои се повторуваат на секои четири години, туку бизнис заедницата сака професионален однос и контакт бидејќи се работи за економија, за конкретни пари, затоа владата мора да биде внимателна во работата и да не глуми водење економија зашто тоа создава негативни парични ефекти. Од каде да се почне? Мора од образованието, но тоа дава резултати дури по 10-15 години. Затоа во моментов е битно да се тргне од самата черга, колку пари има од тоа да се започне. За да не се задолжуваме и долгот да им се остави на младите“, рече Азески.

На средбата, на која беше презентирана економската изборна програма на партијата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оцени дека соработката со Стопанската комора била исклучително квалитетна и нагласи дека идната влада ќе го слуша гласот на бизнисот, но и неговите поплаки.

Во изјавите пред новинарите Мицкоски рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучително внимателна дури и конзервативна кога станува збор за давање на ветувања, особено во делот на економијата на која, како што кажа, ќе биде ставен акцент.

„Претседателот на комората Бранко Азески спомена дека ние политичарите правиме список на желби, а најчесто потоа не ги реализираме. Но ние имаме внимателен пристап, имаме проекција како ќе се одвива буџетот во наредните четири години и со колкав фискален простор може да се располага. Како идна Влада со овој внимателен пристап, со одлучна борба против криминалот и корупцијата, со применливи и остварливи мерки во економијата, со голем фокус врз образованието и пазарот на труд, обезбедување на основни услови за да можат нашите граѓани да веруваат во системот, ќе го оствариме она кое што го предвидовме и за кое што разговаравме со претседателот Азески и со неговите соработници. Тоа е Македонија да има еден динамичен раст, а така ќе ја вратиме довербата на граѓаните и зошто да не и на оние кои што се разочараа и заминаа. Да се обидеме да ги вратиме назад“, рече Мицкоски.
На средбата од страна на Комората беа презентирани очекувањата што бизнисот ги има од идната Владата. Претставниците, пак, на ВМРО-ДПМНЕ детално ги презентираат мерките од сферата на економијата и на финансиите, ставени во изборната програма.

Освен со ВМРО-ДПМНЕ, Комората ќе има слични средби и со останатите политички партии.