„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
22.02.2023
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески денеска имаше работна средба со делегација од Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан (КИФ), предводена од новиот претседател Лулзим Рафуна.
На средбата стана збор за планираните активноси на КИФ кои оваа година ќе бидат насочени кон подобрување на конкурентноста на компаниите во регионот за водење на бизнис на единствениот пазар на ЕУ и на трети пазари, подобрување на законската рамка за водење на бизниси, намалување на даночните и на неданочните обврски на компаниите, полесен пристап до програмите и фондовите на ЕУ, хармонизација на образованиот систем со реалните потреби на пазарот на труд, како и за дигиталната трансформација.
Зборувајќи за предложените активности кои треба да ја зголемат атрактивноста на регионот како инвестициска дестинација, претседателот Азески истакна дека од клучно значење ќе биде и следниот состанок на Бизнис Платформата ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 30 март во Скопје. Ваквиот дијалог ќе придонесе за расчистување на административните, регулативните и техничките прашања релевантни за компаниите од регионот на Западен Балкан, но и ќе помогне приватниот сектор од регионот подобро да го разбере функционирањето на единствениот пазар на ЕУ кон кој компаниите ќе треба да го приспособат своето работење.
Присутните се согласија дека состанокот на Бизнис Платформата ЕУ-Западен Балкан ќе обезбеди структуриран и континуиран дијалог помеѓу бизнис заедницата од регионот на Западен Балкан, претставена преку Бизнис Советот на Коморскиот инвестициски форум и креаторите на политики од Европската Унија.
На настанот, што ќе се одржи следниот месец во Скопје, високи претставници од Европската Унија и различните директорати, регионалните институции кои работат на економската агенда во регионот и претставници на бизнис-секторот ќе дискутираат и за прашањата кои се клучни за приватниот сектор од аспект на унапредување на интра-регионалната соработка.
Коморскиот инвестициски форум, со седиште во Трст е институција основана во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес инициран од канцеларката Ангела Меркел, и претставува глас на приватниот сектор од регионот, застапувајќи 350.000 компании од подрачјето на Западен Балкан.