„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ДОДЕЛЕНИ ПРВИТЕ СЕРТИФИКАТИ ЗА ПРОГРАМАТА ЗА ОБУКА: ВЕШТИНИ ЗА ТЕРЕНСКИ УНАПРЕДУВАЧИ НА ПРОДАЖБАТА

20.05.2024

Промените во светот се случуваат секојдневно како резултат на брзиот напредок на техниката и технологијата, што влијае и врз промените во пазарната економија. Затоа компаниите кои сакаат да бидат конкурентни на пазарот мора да ги следат трендовите, да го менуваат начинот на  работење, да вршат промени во сопствениот организациски систем и да вложуваат во унапредување на знаењата и на вештините на своите вработени, следејќи ги новите трендови.
Во насока на унапредување на знаењата и на вештините неопходни за вработените во компаниите во одделот за продажба, Советот за унапредување на тренингот и на обуките при Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Бизнис-центарот за тренинг и обука – Скопје, ги додели првите сертификати за учесниците на обуката за програмата „Вештини за теренски унапредувачи на продажбата“.
Целта на обуката беше усвојување нови знаења и вештини поврзани со добро структурираните и иновативни процеси од доменот на продажбата и на промоцијата на производите на компанијата. Обуката се реализираше во времетраење од три дена (три сесии), а по завршувањето на програмата за обука, која се состоеше од 9 модули, учесниците имаа можност да се здобијат со знаења и со вештини за:
-   соодветно планирање и спроведување на теренските активности насочени спрема соодветна застапеност и изложеност на производите на компанијата работодавец;
-      зголемување на продажбата, прометот и на профитот на компанијата работодавец:
-      зајакнување на релациите со клиентите и со консументите;
-      подобрување на имиџот на компанијата работодавец пред клиентите и консументите.  
Во текот на обуката, по секоја завршена сесија, се спроведуваше проверка на знаењата на учесниците, што беше услов за стекнување на Сертификатот за вештини за теренски унапредувачи на продажбата, како доказ за добиените знаења за улогата на теренскиот унапредувач на продажбата и за добиените вештини за соодветно структуирање на продажните процеси и за детална сегментација на клиентите и на малопродажните објекти.    
Учесниците на обуката изразија задоволство од организацискиот пристап на обуката и од подготвеноста и интерактивноста на обучувачот.