„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ВАЖНОСТА НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА МАКЕДОНСКИОТ БИЗНИС И УЛОГАТА НА БИЗНИСОТ ВО КРЕИРАЊЕ НА ПОКВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ

29.05.2024

Унапредување на врската меѓу високото образование и реалниот сектор; зголемување на можностите за вработување на младите преку директен пристап до реномирани институции и прикажување на можностите за студирање на младите на Универзитетот „Гоце Делчев“ беше целта на настанот „Отворениот ден и каририерен развој“ што се одржа во просториите на Мултимедијалниот центар на Економскиот факултет во Штип, во реализација на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип со поддршка на Стопанската комора на Северна Македонија.
Одржувањето на отворениот ден беше одлична можност за идните студенти преку презентации и дебати да ја види поврзаноста на универзитетот кои продуцира кадри и бизнис заедницата која го апсорбира производот од високообразовните институции.
Во своето обраќање, Ректорот на универзитетот, д-р Дејан Мираковски, истакна дека овој настан е вистинска можност идните, но и сегашните студенти да се информираат за можностите за идно вработување, начините на реализација на вработувањето, условите, очекувањата во нивната идна кариера, како и да се запознаат со своите идни работодавачи, додека за работодавачите ова е можност да изберат добри идни кадри кои ќе ги остручат во своите компании и организации.
Според Ректорот Мираковски, бизнис секторот е сè поприсутен и директно соработува со единиците на универзитетот, а постојат примери на компании коишто даваат солидни стипндии и овозможуваат платена практична работа за стидентите.
Извршниот директор на Стопанска комора на Република Северна Македонија, Антони Пешев истакна дека на Македонија ѝ е потребно брзо прилагодување кон новите трендови, како и кон новата индустриска револуција. Според Извршниот директор Пешев, Стопанската комора инвестира свои средства во образованието и во тој сегмент се јавува ситуација во која полека универзитетите стануваат наш партнер, и по бројот на проекти, а и во делот на обезбедување работна сила за потребите на нашите членки.
„Доминираат секторите каде се користи софистицирана опрема и сегментите во кои ќе се бара високообразована работна сила и сега сме во период во кој ќе има голема промена во делот на едуцираноста на работната сила. Без едуцирана работна сила нема да имаме можност да бидеме конкурентни на светските пазари. Промената на технологијата со воведувањето на вештачката интелигенција бара навистина школувани млади луѓе и се надевам дека овој тренд ќе продолжи понатаму, не само како кариерен ден, туку како една агенција во рамки на Универзитетот, која ќе се грижи за тоа да ги промовира студентите пред компаниите, а од друга страна и компаниите и нивните барања да ги промовира пред студентите, и да им овозможи уште пред да ги завршат студиите да се запознаени со пазарот на работна сила. Само на тој начин можеме да направиме работна сила која ќе биде коректно платена и ќе направиме простор да младите луѓе не по секоја цена бараат да ја напуштат државата“ - изјави Пешев.
Во своето обраќање градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, рече дека за вистински развој на реалниот сектор на општината и, пред сѐ, на стопанството е многу значајна комуникацијата и соработката што ја имаат УГД и институциите -локалната самоуправа, како и комуникацијата и соработката со реалниот сектор, инвеститорите и оние кои креираат работни места.
Во продолжение на Отворениот и кариерен ден беше организирана панел-дискусија на тема „Важноста на високото образование за македонскиот бизнис и улогата на бизнисот во креирање на поквалитетно образование“ на која свои обраќања имаа проф. д-р Дарко Лазаров, Проректор на УГД за инвестиции и развој; м-р Наташа Јаневска, Претседател на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при СКСМ, м-р Бобан Кочовски, менаџер за човечки ресурси на Лион ДОО, Свети Николе и Дејан Маџоски, менаџер за човечки ресурси на НЛБ Банка АД Скопје.