„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

MАПИРАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО ОРГАНСКИОТ ОТПАД И ИЗНАОЃАЊЕ РЕШЕНИЈА

29.05.2024

Стопанската комора на С. Македонија, во соработка со швајцарските програми за поддршка Swiss Import Promotion Programme (SIPPO) and the Swiss Increasing Market Employability Programme (IME), неодамна започна со примена на проект за мапирање на индустрискиот биоотпад во нашата земја, со цел изнаоѓање решенија за циркуларна економија и за рециклирање на биоотпадот кој се генерира од секторот земјоделство.
Во рамките на овој проект, на 28 и на 29 мај 2024 г. во Стопансаката комора на С. Македонија се одржаа работилници на кои се презентираа циркуларни бизнис-модели за подобро управување со биоотпадот во нашата земја, што претставува еден од клучните сегменти за развој на одржливото работење на македонските компании. Циркуларните бизнис-модели се развиени на база на податоци од македонскиот земјоделски сектор, опфаќајќи ги потсекторите лозарство и винарствопроизводство на свежо овошје и зеленчук преработка на овошје и зеленчук – конзервна индустрија и сточарство .
Со оглед на тоа што одржливоста станува услов што повеќе нема да претставува предмет на преговори за компаниите, особено имајќи ги предвид зголемените очекувања на потрошувачите и на регулаторните тела во ЕУ, земјоделскиот сектор се соочува со императив да се приспособи на промените и да ги приспособи насоките за одржливо производство. Стопанската комора преку овој проект има цел да дизајнира приспособени модели на кружна економија фокусирајќи се на намалување на создавањето отпад, промовирање на повторната употреба и на рециклирање и минимизирање на влијанието врз животната средина. Понатаму, со интегрирање на концептите на циркуларна економија бизнисите можат да ја подобрат својата конкурентност на меѓународните пазари, обезбедувајќи усогласеност со регулативите и зајакнување на конкурентноста и придонесувајќи за долгорочна одржливост на животната средина.
Во денешниот деловен свет одржливоста повеќе не е опција, туку услов. Има потенцијал да стане конкурентна предност за оние бизниси кои успеваат да го градат својот бизнис-модел околу одржливоста. Одржливоста може да биде двигател на трансформацијата, како што се покажа дигитализацијата во претходните години. Потрошувачите и регулаторите, особено во Европската Унија, сѐ повеќе очекуваат компаниите/добавувачите да ја покажат својата посветеност на одржливоста. Циркуларната економија е клучен дел од одржливоста и поважно од кога било за компаниите е да применат практики на циркуларна економија во својот бизнис за да останат конкурентни и за да се приспособат на променливото деловно опкружување. Европската унија и сродните регулативи станаа двигател за одржливост и за кружна економија. Економските предности на овие практики ги прават витални за долгорочен успех.
Од друга страна, управувањето со отпадот станува голем проблем во земјава. Следејќи ги регулативите на ЕУ, приватниот сектор треба да развие сопствени бизнис-модели за рециклирање и за циркуларна економија за да ги следи новите регулативи за практики за управување со отпад. Стопанската комора, која е активна во земјава на оваа тема, е една од главните организации кои апелираат до Владата и кои бараат можности за воведување нови услуги кои ќе му помогнат на приватниот сектор.
Стопанската комора, со формирањето на Центарот за циркуларна економија, претставува првата инфраструктура во земјава која целосно ќе го насочи својот капацитет кон промоција и кон примена на бизнис-модели кои можат да одговорат на влијанието на климатските промени и да обезбедат опција за циркуларна економија.
Целата активност и соработка меѓу двете швајцарски програми (SIPPO и IME) е во насока на вклучување комплементарни интервенции кон комората за развој на модели за циркуларна економија на биоотпадот во државата, преку која, исто така, се спроведува сеопфатно мапирање насочено кон идентификување на компаниите во секторот земјоделство низ целата земја за да се проценат вкупните количества на органски отпад што се создаваат од земјоделскиот сектор, категоризирање на видовите произведен биоотпад и добивање на неговите енергетски вредности и евалуација на тековните практики за управување со отпад што ги користат овие компании.