„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

СРЕДБА НА ГРУПАЦИЈАТА НА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА

06.06.2024

На 30.5.2024 година, компаниите во рамки на Групацијата на обновливи извори на енергија, одржаа седница на која се разговараше за постигнатите резултати на групацијата во изминатата година, статусот на изградба на обновливите извори на енергија, вклучувањето на батериските системи во легислативата, предизвиците во процесот на развивање на обновливите проекти, пристапот до финансии, концесиските договори.
Со седницата претседаваше г. Тодор Анѓушев, кој на почетокот на седницата сподели информација околу иницијативите кои ги има преземено групацијата и статусот на истите. Беше констатирано дека предлозите на групацијата неретко се препознаени од институциите кои се чинители во енергетскиот сектор и се прифатени од истите како на пример иницијативата на МЕА и ГОИЕ за батериските системи, но сепак пред групацијата остануваат значајни отворени прашања и предизвици кои треба да се надминат во тековната година. Разгледувајќи го трендот на изградба на обновливи извори на енергија во последната година, беше заклучено дека во 2023 година е значајно намален трендот на изградба на мали хидро електрани, а двојно е зголемен бројот на фотоволтаични централи. Компаниите во групацијата се согласни дека не треба да постојат пречки од еколошки аспект за изградба на мали хидро електрани, бидејќи истите се градат согласно европски стандарди, а малите хидро електрани во Европа се дел и од националните паркови.
Понатаму, компаниите ги споделија предизвиците и пречките со кои се соочуваат во процес на изградба на обновливите извори на енергија, особено инвеститорите и изведувачите кои поставуваат фотоволтаични панели на крововите на домаќинствата, за што групацијата понатаму ќе изработи соодветна иницијатива за надминување на истите и зголемување на интеграцијата на обновливи извори на енергија.
Компаниите членки на групацијата на самата седница дополнително имаа можност да се запознаат со кредитните линии на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициона банка (ЕИБ) преку презентација на нивните консултантите одговорни за овие кредитни линии во државата. На презентацијата компаниите имаа можност да научат повеќе за поволните каматни стапки на кредитните линии за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност кои овие банки ги спроведуваат преку комерцијалните банки. Целта на оваа презентација беше запознавање на инвеститортие со кредитните линии, но и можност за изведувачите на ОИЕ членки на групацијата да дознаат за можностите за инвестиции и да ги пренесат до своите клиенти, со крајна цел зголемување на интеграцијата на ОИЕ и грижа за животната средина.