„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од компаниите

МАКСТИЛ ДОДЕЛУВА ГОДИШНИ СТИПЕНДИИ ЗА СТУДЕНТИ И ЗА СРЕДНОШКОЛЦИ

11.07.2024

Компанијата „Макстил“ ќе додели стипендии на десет студенти од државните технички факултети и пет стипендии на ученици во средните стручни училишта на територија на Град Скопје.

„Со стипендиите сакаме да ги поттикнеме и средношколците, а и студентите изборот за своето образование да го насочат кон техничките науки, пред сѐ поради перспективноста на овие професии, а паралелно со тоа и поради дефицитарноста на овој образовен и професионален профил во земјава. Освен разновидноста и широкото поле на изучување, техничките науки се привлечни и со тоа што отвораат многу можности за кариерен развој. Со последните текови и движења, индустријата се повеќе бара и има потреба од профили од техничките науки и со тоа стануваат поконкурентни“, истакна Соња Алексиќ, директор за човечки ресурси во Макстил.

Студентите ќе добиваат по 10.000 денари месечно во период од 10 месеци за академската 2024/2025 година и уште 15.000 денари еднократно на почеток на учебната година. Стипендијата од Макстил за средношколците изнесува 5.000 денари месечно за периодот на учебната 2024/2025 година.

Право на аплицирање за стипендирање имаат сите редовни студенти на државните факултети од областа на техничките науки, а приоритет имаат студентите од Технолошко металуршки факултет, од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машински факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Период за аплицирање за студентските стипендии е од 01.09.2024 до 31.10.2024 година.

За средношколските стипендии право на аплицирање имаат сите редовни ученици во средните стручни училишта на територија на Град Скопје, со предност за учениците од СЕТУГС „Михајло Пупин“, СУГС „Владо Тасевски“, СУГС ЕМУЦ „8 Септември“, СУГС АСУЦ „Боро Петрушевски“ и СОСУ „Илинден“. Периодот за аплицирање е од 01.08.2024 до 10.09.2024 година, додека изборот на стипендисти ќе се изврши најдоцна до 20.09.2024 година.

Студентите и учениците од стручните училишта може апликациите да ги достават до Секторот за човечки ресурси на следната е-мејл адреса, каде ќе може да добиете и дополнителни информации: [email protected]