„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од здруженијата

СЕКТОРОТ НА МЕТАЛНАТА ИНДУСТРИЈА ИМА ПОТРЕБА ОД СТРУЧЕН КАДАР ЗА ЗАВАРУВАЊЕ

18.07.2024

Заедничкиот план, на кој КАЗ Груп ќе работи со Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, има за цел да обезбеди квалитетни и актуелни обуки кои ќе ги подготват младите за реалните предизвици и потреби на индустријата. Сертификатите кои ќе ги добијат учесниците ќе бидат официјално признати од страна на државата

Креирање план за организирање обуки за заварувачи преку Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, во соработка со Бизнис центарот за тренинг и обуки при Комората, беше во фокусот на разговорите при посетата на КАЗ ГРУП. Средбата беше иницирана од менаџментот на компанијата, која е лојална членка на Комората со активности во секторот комунални дејности и метална и електро индустрија.

За време на посетата, детално се дискутираше за потребите и можностите за организирање на обуки за заварувачи. Истовремено се разговараше и за актуелната состојба на пазарот на труд и се идентификуваа потребите за специјализирани обуки за заварувачи. Заедничкиот план на кој КАЗ Груп ќе работи со Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, има за цел да обезбеди квалитетни и актуелни обуки кои ќе ги подготват младите за реалните предизвици и потреби на индустријата. Станува збор за обуки кои ќе се реализираат по сертифицирана Програма за квалификацијата Заварувач, а сертификатите кои ќе ги добијат учесниците ќе бидат официјално признати од страна на државата, но и препознати од работодавачите на кои и е потребен ваков кадар. Обуката е во траење од 4 месеци, а знаењата, вештините и компетенциите се стекнуваат преку теоретски предавања и практична обука во компании на реално работно место каде учесниците се запознаваат и со организациската структура на компанијата и со работните процеси. На ваков начин, освен стекнати стручни вештини се стекнуваат и со меки вештини како самостојност, одговорност, почитување на претпоставени, точност, иновативност, тимска работа и организација на време, кои исто така во сегашно време се многу барани од страна на работодавачите.

Главната цел на овие обуки е да се привлечат младите преку иновативен пристап, бидејќи заварувањето е занимање кое често е перцепирано како „црна“ работа. Сепак искуството покажува дека ова занимање нуди бројни можности за иновативност, создавање додадена вредност, кариерен развој и високи приходи. Нашата намера е да ја прикажеме оваа професија во ново светло, како „бела“ индустрија со многу перспективи и потенцијал за успех како  во нашата земја, така и на глобално ниво.

 

Младите луѓе кои ќе се вклучат во овие обуки ќе имаат можност да стекнат вештини кои се високо ценети и добро платени, како во странство, така и во нашата земја. Заварувањето е една од најбараните и најплатените професии во светот, која нуди стабилност и високи примања, а ние сме решени да ги покажеме сите предности кои ги носи оваа професија.

Нашата мисија, како Комора, е да обезбедиме квалитетно стручно образование кое ќе ги подготви младите да се носат со предизвиците на иднината.

Посетата на КАЗ Груп ја реализираа координаторот на Здружението на метална индустрија Сашка Велков и претседателот на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките во рамките на Комората м-р Наташа Јаневска.

 

Каз Груп е семејна компанија од втората генерација а основана во 1987 година. Нивниот бизнис е производство и продажба на цела низа елементи за водовод, како што се растурање на зглобови, поврзувачки елементи, вентили и хидрани, сводници за железо и челик, капаци и други производи, со специјалност за производство на фитинзи за мали хидроцентрали.

 

Производната линија е сместена во нов и модерен објект, кој е во целосна согласност со глобалните стандарди: Управување со квалитет (ISO9001:2015), Управување со животната средина (ISO 14001:2015), што компанијата ја доби од престижната куќа на Bureau Veritas, како и серијата ISO45001:2018 за проценка на здравјето и безбедноста при работа доделена од TUV NORD.

Големата експертиза на КАЗ Груп ја прави водечка компанија во својата област во Македонија и пошироко во регионот. Нивната долгогодишна работа на пазарот е поддржана со докажан квалитет и асортиман на производи.

Мотото на компанијата е да стане светски позната компанија за производи и услуги за водоснабдување, преку тим ентузијасти посветени на ефективност, иновативност и одржлив развој,, е нивното мото за успешност.