„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Азески панелист на конференција организирана од Светска банка

07.10.2024

Во рамки на конференцијата претседателот на Комората дискутираше за важноста на соработката меѓу науката и бизнисот во контекст на климатските промени. На панелот, заедно со претставници од владините институции и Европската Унија, Азески го нагласи значењето на зелената транзиција како клучна можност за компаниите да се адаптираат и напредуваат во новиот глобален еколошки поредок

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, учествуваше на конференција организирана од Светската банка каде беа дискутирани наодите од два неодамна објавени извештаи, „Извештај за климатските промени и развојот на Западен Балкан: Компендиум за Северна Македонија“ и „Преглед на климатските промени во јавните финансии на Северна Македонија“.

На покана на директорот на Светската банка за Косово и Северна Македонија Масимилијано Паолучи, Азески, учествуваше на панел-дискусија заедно со високи претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како и на делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.

Азески во своето излагање посочи на важноста од идентификација на можности за соработка меѓу науката и бизнисот во полето на одржлива и зелена економија.

Според претседателот на Стопанската комора, главното прашање кое треба да го одговориме е како да ги претвориме предизвиците на компаниите околу спроведувањето на стандардите за одржлива животна средина во можности и потенцијален напредок за нив.

„Зелената трансформација не е далечна цел, туку сегашна можност и предизвик за компаниите. Свесни сме дека е време да преземеме проактивна улога во процесот на зелена транзиција на нашите економии. Заедно можеме да го направиме Западен Балкан регион кој не е само економски конкурентен, туку и еколошки стабилен и одржлив“, потенцираше Азески во разговорот.

За време на дискусијата, тој се осврна на заложбите на Стопанската комора да се идентификуваат полињата на соработка меѓу науката и бизнисот во полето на одржлива и зелена економија, што би придонело за посилна соработка, но и испорачување на повеќе технички, стручни и научно засновани услуги на академската заедница кон бизнис-секторот и компаниите.

Според извештајот на Светска банка, Северна Македонија треба да инвестира 6,4 милијарди американски долари во следната деценија за ефикасна заштита на луѓето и имотот од последиците на климатските промени.

„Природните непогоди несразмерно ги погодуваат ранливите сектори, особено земјоделството, каде малите семејни фарми страдаат од суши и град поради недоволно наводнување, заштита од град и осигурување“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Светската банка за Косово и Северна Македонија.