„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
07.10.2024
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, учествуваше на конференција организирана од Светската банка каде беа дискутирани наодите од два неодамна објавени извештаи, „Извештај за климатските промени и развојот на Западен Балкан: Компендиум за Северна Македонија“ и „Преглед на климатските промени во јавните финансии на Северна Македонија“.
На покана на директорот на Светската банка за Косово и Северна Македонија Масимилијано Паолучи, Азески, учествуваше на панел-дискусија заедно со високи претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како и на делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Азески во своето излагање посочи на важноста од идентификација на можности за соработка меѓу науката и бизнисот во полето на одржлива и зелена економија.
Според претседателот на Стопанската комора, главното прашање кое треба да го одговориме е како да ги претвориме предизвиците на компаниите околу спроведувањето на стандардите за одржлива животна средина во можности и потенцијален напредок за нив.
„Зелената трансформација не е далечна цел, туку сегашна можност и предизвик за компаниите. Свесни сме дека е време да преземеме проактивна улога во процесот на зелена транзиција на нашите економии. Заедно можеме да го направиме Западен Балкан регион кој не е само економски конкурентен, туку и еколошки стабилен и одржлив“, потенцираше Азески во разговорот.
За време на дискусијата, тој се осврна на заложбите на Стопанската комора да се идентификуваат полињата на соработка меѓу науката и бизнисот во полето на одржлива и зелена економија, што би придонело за посилна соработка, но и испорачување на повеќе технички, стручни и научно засновани услуги на академската заедница кон бизнис-секторот и компаниите.
Според извештајот на Светска банка, Северна Македонија треба да инвестира 6,4 милијарди американски долари во следната деценија за ефикасна заштита на луѓето и имотот од последиците на климатските промени.
„Природните непогоди несразмерно ги погодуваат ранливите сектори, особено земјоделството, каде малите семејни фарми страдаат од суши и град поради недоволно наводнување, заштита од град и осигурување“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Светската банка за Косово и Северна Македонија.