„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Претседателот Азески на средба со Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка

07.11.2024

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со своите соработници оддржа работна средба со Бјорн Габриел, претставник на Европската Инвестициона Банка на која се дискутираше за тековните проекти на ЕИБ во нашата држава и за можностите за зајакнување на соработката.

Азески истакна дека Стопанската комора е силен поддржувач на долгогодишната посветеност на ЕИБ преку финансирање на мали и средни претпријатија, на транспортни, енергетски и на инфраструктурни проекти што се од економско значење за домашната економија и регионалното поврзување.

Здравите економски политики и поволната деловна клима се клучните елементи за раст на приватните инвестиции, а за развој на една економија на среден рок мора да се имаат клучните аспекти − подобрување на инфраструктурата, зголемување на извозот и на инвестициите истакна Азески. Потребно е владеење на правото, предвидлива рамка за дејствување, транспарентно носење на законски прописи кои го засегаат работењето на компаниите, како и повеќе зелени и дигитализирани компании за поголема профитабилност и продуктивност - додаде претседателот на Стопанската комора.

Азески го информираше соговорникот дека Комората е силно фокусирана на посветеноста на Европската комисија преку Планот за раст на Западен Балкан да го забрза процесот на пристапување и економската конвергенција на економиите од регионот кој вклучува долгорочна стратегија за регионално поврзување, понепречена зелена транзиција, и поттикнување на развивање на приватниот сектор.

Бјорн Габриел потенцираше дека ЕИБ традиционално е долгогодишен партнер на земјата обезбедувајќи 1,6 милијарди евра до денес за изградба на нови патишта, железници, енергетски и водни мрежи, истовремено придонесувајќи кон растот на малите и средни претпријатија (МСП).

Во приватниот сектор, соработката помеѓу РБСМ и ЕИБ Глобално овозможи до денес да се доделат 601 милиони евра за поддршка на повеќе од 2.420 локални компании.

 ЕИБ останува силен партнер на Северна Македонија, при што преку нивната мрежа на партнерски банки ги поддржуваат малите и средните претпријатија, кои претставуваат 60 отсто од вкупното кредитирање на ЕИБ во земјата, а преку нивните  наменски кредитни линии поддржале преку 2.500 проекти во различни сектори. Во однос на новите проекти што имаме намера да продолжиме да ја поддржуваме изградбата на железничките делници на Коридорот VIII, развојот на малите и средните претпријатија и новите проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност, кои се од стратешко значење за зелената транзиција на земјата – истакна претставникот на ЕИБ во земјава.

На крајот на средбата заеднички беше констатирано дека одличната соработка во изминатиот периот која резултирашр со подготовка на Водич за декарбонизација за приватниот сектор ќе продолжи и во иднина.

Европската инвестициона банка е институција за кредитирање на Европската Унија и е една од најголемите мултилатерални финансиски институции, не само во Европа, туку и во целиот свет.

ЕИБ е активна на територијата на Северна Македонија од основањето во 1991 година, обезбедувајќи финансии за поддршка на клучните инфраструктурни проекти, локалните власти, како и малите и средни претпријатија (МСП). ЕИБ обезбеди 1,1 милијарди евра за финансирање на МСП и проекти за транспорт, енергетика и комунална инфраструктура.