„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од групациите

„Осигурувањето може да ве заштити, но само ако знаете како“

22.11.2024

На 20 ноември, Групацијата на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија заедно со Факултетот за економски и административни науки при Меѓународниот Балкански Универзитет (МБУ) ја организираа втората интерактивна едукативна презентација на тема „Осигурувањето може да ве заштити, но само ако знаете како “ за студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет.

Овој настан е продолжение на започнатата соработка помеѓу Групацијата на осигурувањето и МБУ во април 2024 година кога се одржа првиот настан насловен: „Дознајте како осигурувањето нè заштитува денес и нè обезбедува утре“, со главна цел за зголемување на свеста и промовирање на финансиската писменост, едукација и финансиска вклученост на студентите на МБУ.

На настанот во МБУ беа обработени темите: иновацијата во осигурувањето, социјалните придобивки од осигурувањето, подобрено разбирање на осигурителните производи и услуги, техниките за управување со ризик и како осигурувањето да се направи интересен профил за работа за студентите на МБУ.

Студентите имаа можност да стекнат знаења и да дискутираат за осигурувањето во Македонија со докажани и признати професионалци од осигурителната индустрија со долгогодишно практично искуство и знаење, кои на студентите им ги пренесоа далекусежните ефекти, можностите и предизвиците од брзиот раст на осигурителниот сектор во нашата земја. На настанот се обратија претставници од четири престижни осигурителни компании, членки на Групацијата на осигурување при Стопанската комора на Северна Македонија:

  •  Ралица Губерова, извршен директор, ЕУРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ и претседател на Групацијата на осигурувањето при Стопанската комора
  • Весна Ѓорчева, член на Управен одбор, МАКЕДОНИЈА ОСИГУРУВАЊЕ, Vienna Insurance Group
  • Александра Шкемби Антовска, извршен директор, UNIQA LIFE MACEDONIA и потпретседател на Групацијата на осигурувањето при Стопанската комора
  • Горан Божиновски, управител на Академија на Кроација осигурување - Живот, КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ - ЖИВОТ, Скопје

За зајакнување на идната соработка, на крајот на настанот, деканот и академскиот кадар од Факултетот за економски и административни науки имаа можност да разговараат за следните активности за понатамошна соработка помеѓу Групацијата на осигурувањето и Меѓународниот Балкански Универзитет.