„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
20.11.2024
Унапредување на соработката на земјите од Западен Балкан со Велика Британија преку интензивирање на трговската размена и поттикнување на британските инвестиции во земјите од регионот беа основите цели за реализација на Регионалната трговска конференција на Велика Британија и Западен Балкан која се одржа на 20 ноември во Белград, Р. Србија.
Конференцијата понуди платформа за комуникација помеѓу клучните носители на деловни одлуки за идентификување на можностите за соработка и започнување на разговори со истакнати деловни партнери во стратешките сектори. Регионалната конференција создаде можност за претставниците на шесте стопански комори од Западниот Балкан, обединети преку Коморскиот инвестициски форум да ги претстават заедничките потенцијали на регионот пред бизнис делегацијата од Велика Британија.
Амбасадорот на Обединето Кралство во Белград, Едвард Фергусот оцени дека е дојден вистински момент за унапредување на трговските врски помеѓу Обединетото Кралство и Западниот Балкан, бидејќи регионот постојано расте, а Обединетото Кралство може да биде одличен партнер во сферата на информациони технологии и зелена транзиција.
Акцентот на регионалната соработка беше ставен во обраќањата на сите претставници од коморите од регионот на Западен Балкан. Во име на Стопанската комора на Северна Македонија се обрати м-р Михајло Донев, проектен менаџер кој изјави дека Обединетото Кралство е значаен партнер на земјите од регионот за што говори и трговската размена која во 2023 година надмина 4,5 милијарди фунти на ниво на регион. Тој додаде дека британско-македонските односи бележат позитивен тренд, трговската размена достигна вредност од 1,64 милијарди долари, а во поглед на инвестиции Велика Британија е втор наш трговски партнер, што ја прави Македонија најголем трговски партнер на Велика Британија кога станува збор за регионот на Западен Балкан. Донев пред присутните ги истакна и можностите за инвестирање во Македонија и конкурентските предности кои ги има земјата, а кои се однесуваат на поволната географска локација, либерализираната надворешно-трговска политика, конкурентната даночна политика, квалификуваниот и конкурентен кадар, но поволната инфраструктура во рамки на 14-те технолошко-индустриски развојни зони.
Во рамки на конференцијата се реализираа и панели на кои се дискутираа можностите за соработка во рамки на секој од клучните сектори како што се: ИКТ, инфраструктура, зелена енергија и прехранбен сектор. Дополнително во рамки на регионалната конференција предвидени се и деловни состаноци помеѓу компании од регионот кои имаа можност да ги претстават своите производи и услуги пред потенцијалните британски партнери, што претставува уште една прилика за македонските извозно-ориентирани компании да ги согледаат потенцијалите за влез на британскиот пазар.