„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
24.11.2022
Кризниот штаб при Стопанска комора на Северна Македонија заедно со Развојната банка на Северна Македонија организираа презентација на актуелните кредитни линии за поддршка на стопанството што ги нуди банката во услови на енергетска криза. На презентацијата, која беше организирана во просториите на Комората, присуствуваа претставници на над 40 компании членки на Комората, кои имаа можност да се запознаат со сите продукти, но и да добијат детални информации од стручните служби на Развојната банка, во делот на кредитирање, гарантирање, осигурување на побарувања и факторинг.
На презентацијата, покрај членовите на Кризниот штаб, присуствуваа и главниот извршен директор на Развојната банка Кире Наумов и главниот оперативен директор Фарук Исмаили.
Работниот состанок го отвори потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиева Јовевска, која накусо ги презентираше активностите на Крзниот штаб и заложбите на Комората да му помогне на стопанството во услови на енергетска криза.
„Потребата од оваа работна средба произлезе од барањата на компаниите и директните средби што ние како Кризен штаб ги остваривме изминатите неколку месеци. Владата веќе излезе со конкретна субвенционирана цена на електричната енергија за прехранбениот сектор, а ние како Кризен штаб поднесовме и ново повторно барање до Владата на РСМ за поддршка на сите компании кои се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија. Помогнавме и во делот на регулативата, но и постојано сме во комуникација за да најдеме начин за секаков вид на поддршка на компаниите кои се погодени од енергетската криза“, истакна Георгиева Јовевска.
Извршниот директор на Развојната банка, Кире Наумов ги поздрави заложбите на Стопанската комора за полесно премостување на кризата и истакна дека покрај актуелните кредитни линии банката нуди можност и за субвенционирање на каматата по кредити дадени од деловните банки на компании кои ја реинвестирале добивката, како и гарантен фонд и кредитно осигурување.
„Основната цел на Развојната банка е да нуди кредити коишто се поевтини од деловните банки и по својата дефиниција работиме за да им помогнеме на малите и на средни претпријатија. Ги следиме барањата на стопанството, го поддржуваме нивниот развој, но во овие услови на криза, претходно ковид, сега енергетска, помагаме во задржување на нивната ликвидност“, истакна Наумов.
На работниот состанок беа најавени и нови кредитни линии и нова транша за поддршка на малите и средни компании за зелена транзиција.
На настанот, Александар Станојковски, директор на секторот за кредитирање и гаранции и Дарко Стефановски, директор на секторот за кредитно осигурување направија детална презентација на:
- Kредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенси преку банки учеснички
- Кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички
- Кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетска и ценовна криза преку директно кредитирање од РБСМ (во најава)
- Кредитна линија за поддршка на МСП од ЕИБ
- Кредитна линија за поддршка на МСП од РБСМ
- Кредитна линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи
- Субвенционирање на камата по кредити дадени од деловните банки на компании кои ја реинвестирале добивката
- Гарантен фонд (индивидуални и портфолио гаранции)
- Кредитно осигурување
- Факторинг
- Гаранции за царински долг при увоз заради облагородување
Во следниот период заедно со Развојна банка ќе направиме и посебна презентација за извозните компании за продуктите кои оваа банка ги нуди за нивна поддршка.