„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
17.02.2023
Педесет и четири проценти од компаниите во своите среднорочни планови за развој, фокусот го ставаат на вработување кадар со квалификации од стручното образование и обука, па според тоа, обезбедувањето стручен кадар за бизнисот е прашање број еден и така мора да се третира од сите субјекти. Тоа значи дека стручно образование мора да биде функционално што подразбира партнерски однос помеѓу образовниот и бизнис секторот, а учениците да поседуваат употребливо знаење и стручни вештини и побрза транзиција кон работното место. Образованието создава кадри, но бизниот е тој што го апсорбира тие кадри, истакна м-р Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стопанската комора на настанот за социјален дијалог „Учи паментно, работи стручно“ што се реализираше во салата на Советот на Град Скопје.
Таа истакна дека се поголем број на компании се вклучуваат во образовниот процес и реализацијата на практичната обука која е неминовна за обезбедување компетентен кадар. Анализата на Комората покажа дека 42% од компаниите остваруваат соработка со стручните училишта, и тоа, 46% од соработките се поврзани со обезбедување практична обука за учениците од стручните училишта, додека 26 % од соработките се во врска со обезбедување кадар преку вработување на учениците што ги обучуваат компаниите.
Настанот го отвори заменик Градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски, кој истакна дека Град Скопје дава целосна поддршка на овој процес, сѐ со цел, обезбедување квалификуван кадар за компаниите. Раководителот на секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, потенцираше дека неколку скопски стручни училишта први го изодеа патот за воведување на дуалното образование кое ги отсликува состојбите на нашето поднебје и нашата култура.
„Изминативе две години министерството беше носител на кампањата/социјалниот дијалог, но оваа година се направи трансфер на знаењето на локално ниво на процесот на „Учи паметно, работи стручно“. Затоа денес сме гости на овој настан кој го организира Град Скопје„ истакна Дана Бишковска, раководител на секторот за средно образование во министерството за образование и наука.
За предизвиците при имплементацијата дуалниот модел на образование говореше м-р Ардијана Исахи Палоши, раководител на сектор во Центарот на стручното образование и обука. Според Исахи Палоши, образованието мора да биде флексибилно и да одговара на потребите на бизнисот и значајно е, што не направивме дуален модел на образование пресликан од другите земји кои имаат долга традиција во овој процес, туку образование кое има свое сопствено обележје. „Не секоја практична обука е дуално образование. Дуалниот модел значи обезбедување кадри со соодветни компетенции за конкретен работодавач, додека учењето преку работа кое се реализира кај повеќе работедавачи обезбедува комптетенции за лицето да се најде на поширокиот пазар“ истакна Исахи Палоши.
На настанот од страна на СУГС „Михајло Пупин“ и ЕТУЦ „8 Септември“ беше презентиран процесот на воведување дуални паралелки во електотехничката струка, а предизвиците и перспективите на имплементација на дуалниот модел беа презентирани од страна на СУГС „д-р Панче Караџозов“ и СУГС „Браќа Миладиновци“ Скопје.
Директорот на СУГС „Михајло Пупин“, Скопје, Димитар Ѓоргиев, истакна дека ако сакаме квалитет во реализацијата на дуалното образование, мора внимателно да влеземе во процесот, добро да се испланира и да се обезбедат доволен број на компании затоа што ниту едно дете не смее да остане надвор од процесот на реализација на практичната обука, додека директорката на СУГС „д-р Панче Караџозов“ , Маја Салиу, забележа дека крајната цел на овој настан не е да се зголемат паралелките на дуалното образование, туку да се промовира стручното образование и обука и да се обезбеди кадар за компаниите.
Од страна на секторот за образование на Град Скопје беше презентирана анализата што ја изработил секторот за пазарот на труд на локално ниво, односно испитувањето на потребата од кадри на компаниите и нивната подготвеност за вклучување на ученици. Според анализата, 89% од компаниите имаат соработка со стручните училишта на ниво на Град Скопје, додека 11% се изјасниле дека немаат, но би сакале да ја остварат соработката, а 98% од компаниите одговориле дека би примиле ученици за практична обука. Тоа е добра основа за зацврстување на соработката на образовниот и бизнис секторот и зголемување на бројката на ученици во стручното образование.
На настанот учествуваа претставници од стручните училишта, коморите и работодавачите.
Проектот „Образование за вработување (Е4Е)“, финанасиран од Швајцарската развојна агенција даваше континуирана поддршка во целиот процес на воведување на дуалното образование.