„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
26.08.2022
Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите во месец август одржа седница на која компаниите од градежниот сектор ги споделија видувањата за најавените реформи на даночната политика, дискутираа за состојбите во градежната индустрија и се осврнаа на актуелните трендови на пазарот на градежни материјали.
Присутните по однос на најавените реформи на даночната политика во областите на данокот на добивка и данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите и зеленото оданочување порачаа дека генералниот пристап во сферата на оданочувањето треба да се заснова на борба со сивата економија, реформирање на даночната администрација и зголемување на ефикасноста на наплатата на јавните давачки, додека во однос на реформите пред да се пристапи кон истите, да се води сметка за моменталниот деловен амбиент во стопанството и внимателно да се испитаат ефектите од нивното воведување.
Пример, во однос на реформите поврзани со повластената даночна стапка на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата, за што сега се предлага зголемување на даночната стапка од 5% на 10%, а понатаму замена со субвенција за социјално ранливи граѓани, присутните посочија дека зголемувањето на даночната стапка ќе има дополнително влијание на зголемување на цената на станбениот простор за нови 5% во услови кога цената на становите само во последната година е зголемена за преку 20-30% поради порастот на цените на суровините и материјалите, енергијата, нафтата и други влезни компоненти потребни за изградба на становите. „Во услови на инфлација кога каматните стапки растат и истовремено се предлага и оданочување на депозитите на населението, зголемувањето на даночната стапка за новите станови е неповолно и негативно ќе се одрази на побарувачката, а со тоа и врз пазарот на недвижности.“ – беше заклучено на седницата.
Претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски на седницата даде осврт и на состојбите во градежниот сектор каде посочи дека истите се на незавидно ниво, а потврда за тоа е забележаниот пад на секторот од 17,2% во првиот квартал од 2022 година во однос на првиот квартал во 2021 година, како и намалувањето на бројот на вработени во секторот градежништво од 14,2 % во компарираниот период.
Градежните материјали се сегментот преку кој градежниот сектор најмногу ги почувствува негативните ефекти од пандемијата, а потоа и од мулти кризата која се надоврза на истата. Основните градежни материјали бележат значителен раст на цените, кои според анализите на Здружението, кај некои од нив, како што се челичните профили и цевки надминаа и 200 % во текот на последните две години. Значителен раст на цените има и кај дрвената граѓа, термоизолацијата, полимер битуменот за асфалт, ќерамидите, цементот, бетонот. Присутните констатираа дека она што загрижува е што е неизвесен крајот на поскапувањата, а тоа се одразува врз целокупниот деловен амбиент и деловните планови на компаниите.
На седницата беше избран и нов член на Управниот одбор на Здружението, д-р Илијос Вилос проф. д-р на Техничкиот факултет во Битола кој своето искуство и знаење несебично ги споделува и во реалниот сектор.