„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
18.01.2023
Усвојување на Законот за стручно образование и обука и Законот за образование на возрасните, воспоставување и операционализација на регионалните центри за стручно образование и обука, подобрување на пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и за децата од ромската заедница и поддршка за обуки и за професионален развој на наставниците се само неколку од препораките на Европската комисија на кои треба да се фокусира државата, затоа што образованието е движечка сила во растот и развојот на економијата и главен фактор за обезбедување квалификуван и стручен кадар. Соодветно квалификуваниот и стручен кадар, пак е, важен фактор за конкурентноста и за продуктивноста на компаниите, како и нивниот потенцијал да внесуваат иновации, како одговор на нови и развојни барања за производи и за услуги.
Оттука, образованието, мора да биде функционално и ефикасно за да може соодветно да одговори на барањата на бизнис-заедницата и развојот на техниката и технологијата, модернизацијата и автоматизацијата на работните процеси и да испорачува кадар со стручно знаење, практични вештини и компетенции. Но со години наназад Европската комисија нотира умерен напредок во образованието и упорно ни сугерира на две главни причини за тоа:
1. нестабилна државна финансиска поддршка за образованието и недостиг од човечки ресурси за спроведување на реформите и
2. одолжување на процесот за усвојување на законите од областа на образованието
Но сепак, за волја на вистината, има поместување и одреден напредок што го нотирала и Европската комисија во извештајот за напредокот на нашата земја во унапредувањето на стручното образование и oбука, иако и натаму бизнис-заедницата апелира на несовпаѓање на вештините за реализација на работните процеси, што повлекува долга транзиција од училишната до работната средина. На бизнис-заедницата и треба кадар кој поседува основни работни вештини и стручни способности, но, исто така, анализите покажуваат дека поединците ги прават вработливи доколку ги поседуваат меките вештините за тимска работа, за меѓучовечки односи, за комуникации, креативноста, критичкото размислување, одговорноста и посветеноста во работата. Со поддршка на Стопанската комора, образовниот и бизнис-секторот сѐ повеќе наоѓаат заеднички решенија преку заеднички партнерски дијалог, а резултат на тоа е изучување на новите квалификации според потребите на бизнисот, модернизирање на образовните програми и креирање релевантна уписна политика. Пазарите на труд кои што добро функционираат ги карактеризира непречениот премин од образование кон вработување, од невработеност кон вработување. За олеснување на овие премини потребно е да постои добро совпаѓање меѓу понудата и побарувачката на вештини што поттикнува вработување на луѓето. Но и натаму останува препораката да се стави поголем акцент врз зголемувањето на процентот и на квалитетот на практичната обука на учениците во компаниите за нивна полесна транзиција на пазарот на трудот.
Постигнат е значителен напредок во зголемувањето на атрактивноста на стручното образование, што се бележи со раст на бројката на ученици кои се запишале во средно стручно образование, и тоа на 69 % во 2022 година, споредено со 64 % во 2021 година, 62,1 % во 2020 година и со 61,8 % во 2019 година, што беше еден од таргетите на кои што работеше Стопанската комора во изминатиот период.
Но забешеките на Комисијата во високото образование се спротивни на оние за стручното образование и обука. Иако нашата земја напредуваше во поглед на бројот на луѓе со високо образование, студиските програми не се соодветно приспособени за стекнување вештини и компетенции кај дипломираните студенти кои ќе одговараат на побарувачката на работна сила. Државната финансиска поддршка за високото образованието е недоволна, а изостанува и координација меѓу образовниот сектор и бизнис-заедницата што резултира со дипломирани студенти со квалификации кои неможат да бидат препознаени од работодавачите и остануваат долгорочно невработени или ноѓаат несоодветно вработување за нивните квалификации кои ги поседуваат.
И, за жал, препораките на Европската комисија од минатогодишниот извештај беа преточени и во овој извештај, но и надополнети со нови. Земјата ќе мора сериозно да ги разбере и да работи на препораките, не заради ЕК, туку заради нејзиниот напредок.
Во оваа насока работи и Комората преку Советот за развој на тренингот и обуките во кои се креирани четири форми за поддршка: Центар за дуално образование, Центар за преквалификација и доквалификација, Берза на труд и Центар за тренинг и обуки. Преку овие центри, Советот ќе работи на поврзување на понудата и на побарувачката на работна сила со квалификации, вештини и со практично искуство преку континуирано идентификување на потребите на компаниите од кадар со специфични квалификации и да понуди на расположивиот кадар на пазарот на трудот релевантни квалификации и адекватни стручни доусовршувања преку обуки кои одговараат на актуелните потреби на компаниите, како унапредување на вештините и на компетенциите на вработените лица во компаниите.