„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Месечно обраќање на Кристофер Сандерс: Да не се носат одлуки за добивки на краток рок, да се мисли на одржливост на компанијата на долг рок

13.11.2023

Најважниот аспект за кој што треба да зборуваме е одржливоста. За мене одржливоста значи правење добивка. Зашто ако го немате профитот, нема да може да го направите тоа што сакате да го направите, нема да може да не ги правите нештата кои не сакате да ги правите и на долг рок ќе ви помогне да се погрижите начинот на кој што општествеото се развива да биде од полза за сите. Затоа бизнисот треба да се води на одржлив и профитабилен начин, истакна Кристофер Сандерс, специјален советник на претседателот на Стопанската Комора на Северна Македонија, Бранко Азески на месечно обраќање на актуелна тема, што овој месец беше со наслов „Глобалните геополитички случувања – предизвик за интернационализација на бизнисот и следење на новите трендови во индустријата .

Во своето обраќање Сандерс го истакна значењето на иновациите како средство за следење на новите трендови, глобалните предизвици, миграцијата на работна сила, како и начинот на кој претприемачите и бизнисите можат да се приспособат и да се развијат во оваа нова глобална реалност.
„Можеме да сме задоволни само преку успешни клиенти. Тоа значи дека треба да ги следиме нашите клиенти. Целта е да не се носат одлуки за добивки на краток рок, туку за постигнување на одржливост на компанијата на долг рок“, нагласи советникот.
За состојбите во регионот и за земјата Сандерс оцени дека за потенцијалните инвеститори и бизнисот воопшто, голем ризик е тоа што земјава главниот фокус го става на членството во ЕУ.
„Мора да имате вистинска визија каде одите, стратегија која ќе знаете како да ја примените, дефинирани одговорности. Ова се многу едноставни деловни алатки. За жал, политиката во овој регион, според мене, ги нарушува сите овие аспекти, а тоа значи дека вистинскиот потенцијал на една земја, на земја што јас ја запознав пред неколку години, не се остварува, зашто не постои стратегија. Последните стратегии за индустријата или образованието се од 2018 година, а што се се случи од тогаш? Каде се новите веризии од нив, каде се новите планови? Што се прави? Во оваа земја такво нешто не гледам. И без тоа, како очекувате која било компанија да инвестира овде кога единствената аспирација на луѓето е да се стане членка на ЕУ? Колку луѓе ќе ја напуштат оваа земја штом тоа ќе се случи? Каде се моите работници во иднина кога тоа ќе се случи? Каде е фокусот во Македонија за развој на вештини, способности, на образовна основа кои ќе помогнат да се надминат и другите земји, да дојдете во прва позиција, да кажете „можам да создадам тим во Македонија за да го добијам тоа што треба, денеска, утре, во иднина, да знам дека ќе го добијам тоа и дека преземените обврски ќе бидат исполнети. Тоа е големиот ризик што го забележувам во моментот“, истакна Сандерс.
Според него, добро е тоа што луѓето тука сѐ уште се гладни за успех и не се потпираат на општество кое сѐ им дава и сѐ им обезбедува.
„За место како Македонија имате една добра карактеристика - луѓето се сѐ уште гладни за успех, сѐ уште не се потпираат на општество кое сѐ им дава, кое сѐ им обезбедува“, рече советникот на Азески.
Кристофер Сандерс е еден од најзаслужните лица за реализација на инвестицијата на КОСТАЛ во Охрид и силен поддржувач и промотор на земјата. Роден е во 1957 година во Стафордшир, Обединето Кралство. Образованието го завршил на Универзитетот во Бирмингем и дипломирал хемиски инженеринг со почести. Вработен во Leopold KOSTAL Gmbh и Co KG од 1980 година како индустриски инженер, а потоа како извршен директор на KOSTAL Ireland во 1981 година, со одговорност за избор и основање на овој производствен капацитет за Костал. Од 1990 година врши слични активности за нова КОСТАЛ фабрика во Обединетото Кралство. Во 1995 станува заменик извршен претседател на групацијата со одговорност за корпоративно планирање и координација на подружниците. Функцијата вклучува основање, развој и проширување на сите нови и постоечки капацитети на КОСТАЛ надвор од Германија, како и стратешкиот развој на групацијата и неговата тактичка примена како што КОСТАЛ растеше на глобално ниво.
Дел од работните активности вклучуваат истражување, преговарање и воспоставување на сите барања за раст и развој со потребните Влади и инсититуции и на сите неопходни нивоа за да се обезбедат најдобри околности за раст и профитабилност на групацијата КОСТАЛ. Кристофер Сандерс е веќе пензиониран од ноември 2022 и живее вo Германија, но сѐ уште е вклучен во активностите на КОСТАЛ во Македонија како стратешки консултант и ментор.