„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Претседателот на Стопанската Комора на Северна Македонија Бранко Азески се сретна со МД Дауд Али, амбасадор на Народна Република Бангладеш

12.09.2024

Во текот на средбата, претседателот Азески ги претстави главните активности на Стопанската комора на Северна Македонија, потенцирајќи ја нејзината водечка улога во унапредување на извозната конкурентност на македонските компании и нивната промоција на глобалните пазари

Во рамки на работните активности, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, оствари средба со МД Дауд Али, амбасадор на Народна Република Бангладеш за регионот, со седиште во Букурешт, Романија.

На состанокот, кој се реализираше во просториите на Комората, претседателот Азески накратко ја претстави работата и активностите на Комората, нагласувајќи ја нејзината важна улога на регионално ниво преку учество во Коморскиот инвестициски форум и други регионални асоцијации. Тој подвлече дека Комората е лидер во подобрување на извозната подготвеност на македонските компании и во промоција на нивните производи на меѓународниот пазар. Азески истакна дека поради изминатите кризи со кои се соочуваше светот и континентот се промени фокусот на дејствување на Комората, но дека да не беа овие кризи, фокусот на активностите ќе беше во обезбедување на квалитетен човечки потенцијал за компаниите и дополнително профилирање на истиот.

Амбасадорот Али истакна дека Бангладеш е густо населена земја, со население преку 170 милиони жители и претставува можност за македонските компании и бизниси. Нагласи дека една од примарните индустрии на оваа земја претставува текстилната индустрија, но ги посочи и потенцијалните точки на соработка на двете земји. Се осврна на искуството и позицијата на Комората за координација на понатамошните чекори кон унапредување на соработката. Како пример за успешно продлабочување на билатералните односи, амбасадорот Али го посочи примерот со Романија, која во изминатите четири години, откако е отворена амбасадата во Букурешт, успева четирикратно да ја зголеми размената со Бангладеш.

На средбата беше констатирано дека иако во моментов билатералната размена помеѓу Република Северна Македонија и Народна Република Бангладеш е на незавидно ниско ниво, постои потенцијал за продлабочување на економските односи помеѓу двете земји. Во овој контекст, беа разгледани идеи за натамошен развој на соработката во сферата на економијата, трговската размена, како и размената на искуства и човечки ресурси.

На средбата беа договорени понатамошни чекори за соработка и промоција на економските придобивки на двете земји од истата.