„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
04.11.2024
Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Антони Пешев, одржа работна средба со заменик шефот на мисијата на Швајцарија во Република Северна Македонија, Михал Харари. Средбата беше фокусирана на тековната соработка и можностите за нови заеднички активности меѓу двете страни.
Директорот Пешев ја изрази благодарноста на Комората за долгогодишното партнерство со Швајцарија, која ја препознава оваа 102-годишна бизнис организација како доверлив партнер во реформите, особено во сферата на образованието. Притоа, Пешев посебно го истакна проектот „Образование за вработување, E4E@мк“, кој се реализира преку поддршката на швајцарската агенција Хелветас. Проектот, заедно со другите иницијативи како ИМЕ и СИППО, значително придонесува за поддршката на деловната и општествената средина во земјата.
Како значаен резултат од реформите, Пешев истакна дека благодарение на десетгодишниот проект Е4Е, бројот на компании вклучени во дуалното образование се зголеми од 19 во 2019 година на над 500 во 2024 година. Со оглед на успехот во средното стручно образование, Комората има намера да ги прошири овие активности и во високото образование, со цел да обезбеди кадар кој ќе биде подготвен за потребите на пазарот, што е клучно за бизнис сектор.
Михал Харари, заменик шефот на мисијата на Швајцарија, изрази благодарност за соработката и нагласи дека Швајцарија останува посветена на поддршката на Северна Македонија во областите на образованието, развојот на извозните капацитети, прехранбениот сектор, туризмот, како и во поддршката на зелените политики за заштита на животната средина.