„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
06.11.2024
Атом стил (Atom Steel), македонска компанија со иновативен дух, успешно се пробива на европскиот пазар, а нивните јарболи денес веат знамиња низ Норвешка. Компанијата од Кочани, позната по производството на метални производи и елементи за тунели, неодамна започна со производство на столбови за осветлување и јарболи за знамиња. Мисијата на Атом стил е да испорачува висококвалитетни производи кои ги надминуваат очекувањата на клиентите, посветувајќи особено внимание на одржливоста, иновациите и постојаното подобрување.
Пробивот на пазарите во Европа за Атом стил не беше едноставен. Генералниот менаџер на компанијата Мишел Ѓорѓиев вели дека по пандемијата одлучил да ги посети компаниите во Европа за да ја проучи нивната работа и да ги разбере високите стандарди за квалитет кои се потребни за извоз.
„Не беше лесно да се пробие европскиот пазар, со оглед на тоа дека, да бидам искрен, кога ќе спомнавме дека сме од Р. Македонија, не така добивавме позитивен фидбек. По завршувањето на пандемијата, решив да посетам голем број на компании во Европа и да видам што тоа тие го имаат, а што кај нас недостасува. По речиси три години посети и истражувања, заклучив дека подготовката на производите, како и сертификацијата на столбовите бараат европски сертификати за квалитет. Со тоа започнавме со инвестирањето во сертификацијата на столбови, со кој добивме еден од најквалитетните производи во Европа“, вели Ѓорѓиев.
Одлука да се пренасочат кон извоз во Европа произлегла од желбата да ја прошират клиентска база и да ги искористат производствените капацитети на глобалниот пазар. Скандинавските земји со својата развиена економија и високи стандарди на квалитет се чинеле идеален пазар. Нивните производи сега ги има во Норвешка, Шведска, Шпанија, Португалија итн.
Започнување на производството на јарболи и столбови за осветлување
Идејата за производство на јарболи и столбови за осветлување се родила од инвестициите на Атом стил во модернизација на опремата. Компанијата ја набавила најголемата тандем преса на Балканот, што им овозможило да ги прошират своите производствени капацитети и да создадат нови производи под брендот “Illuminate the Moment”.
„По успешните години почнувајќи од 2018-2020г., размислувавме каде да ја инвестираме добивката. Го истражувавме пазарот на Балканот и пошироко, и заклучив дека на Балканот недостасува голема апкан преса, која би парирала на две европски компании за производство на у-профили, шасии за приколки, кипери и сл. По склучување на договор со една европска компанија за купување на најголемата тандем преса на Балканот, му дојде идеја на мојот татко дека со истата таа преса можеме да правиме и столбови за осветлување. Оттука започнува нашиот караван на инвестирање и потрошување на сите наши финансиски ресурси со кој кон крајот на 2023 година конечно ја добивме комплетната линија наречена “Illuminate the Moment”, објаснува Ѓорѓиев.
Главниот предизвик за Атом стил беше усогласувањето со строгите европски стандарди за квалитет. Тие инвестирале во обука на вработените и модернизација на опремата, со што успеале да ги надминат сите барања и да произведат продукти со висока конкурентност на меѓународниот пазар.
„Процесот на исполнување на норвешките стандарди подразбираше значителни вложувања во обука на нашиот персонал и во модернизација на нашата производствена опрема. Работевме со локални консултанти и експерти кои ни помогнаа да разбереме специфичните барања на пазарот и да ги имплементираме во нашите процеси. Со постојан мониторинг на квалитетот и усогласување со стандардите, успеавме да создадеме производи кои не само што ги исполнуваат, туку и надминуваат очекувањата на нашите клиенти“, вели генералниот менаџер на Атом стил.
Освен усогласувањето со строгите европски регулативи и стандарди за квалитет, кои бараат постојано следење и прилагодување на производните процеси, како посебен предизвик за компанијата се и логистиката и транспортот на производите, особено кога станува збор за големи конструкции. Исто така, разликите во културите на деловно работење во различни земји можат да доведат до неразбирање и компликации во комуникацијата со клиентите, оценуваат од компанијата.
Атом стил гледа голема вредност во своето членство во Стопанската комора на Северна Македонија, особено во Здружението за метална и електро индустрија.
„Членството во Стопанската комора, особено во Здружението за метална и електро индустрија, ни овозможи низа бенефити. Комората нуди ресурси и информации кои помагаат во планирањето и реализацијата на нашите деловни стратегии. Имаме пристап до програми за обука и семинари кои ни помагаат да ги подобриме нашите вештини и знаења во индустријата. Членството ни овозможува да воспоставиме контакти со други компании и потенцијални партнери, што е клучно за ширење на нашата мрежа. Комората активно работи на застапување на интересите на индустријата пред државните органи, што е важно за создавање поволно деловно окружување“, велат од Атом стил.
И покрај предизвиците, Атом стил верува во континуитетот на својата успешна приказна. Компанијата се надева дека ќе успее да ја задржи својата позиција и да ја прошири својата дејност на нови пазари.
„Ти планираш, а животот се смее. Искрено, веќе четири години од елементарната непогода што ја зафати нашата компанија, работам без конкретен план. Секојдневието е вистинска борба. Се надевам дека ќе пронајдам сила да продолжам, бидејќи моите вработени се моето сè. Не знам како би можел да се справам со ситуацијата ако не можам да исплатам плата, а особено ми е тешко да им кажам да си одат дома затоа што немаме работа. Но, верувам во промени и ќе направам сè што е во моја моќ да ја задржам компанијата и да обезбедам нејзината иднина“, објаснува Ѓорѓиев.
Совети до други компании кои размислуваат за влез на меѓународни пазари?
„Немојте да се плашите, Европа работи многу понеквалитетно за разлика од нас. Тие имаат изградено некој свој филм во кој се убедени дека сè што потекнува од Европа е најдоброто.
За да бидам убеден во тоа решив и заминав како обичен работник во период од седум месеци каде што работев во четири различни компании и со сигурност сум убеден во спротивното. Македонија е детална, прецизна и висококвалитетна во своите производи. Единствено што не уназадува во нашиот завршен дел е политиката која ја формира економијата“, вели Ѓорѓиев.