„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Приватни трговски марки за поголеми извозни активности на македонските компании

21.11.2024

Регионалната конференција „PL (Private label) во FMCG, B2B-средби и купувачка мисија“ во Белград, Р Србија, мост помеѓу производителите и трговците за малопродажба

Освојување нови пазари, пронаоѓање купувачи и потенцијални соработници, споделување искуства со најдобрите менаџери на приватни трговски марки и со сопственици на трговски синџири, нови трендови во областа на приватните марки и потенцијалите во малопродажбата, споделени од регионални и од светски експерти, се само некои од целите кои беа испорачани во рамките на регионалната конференција со наслов „PL (Private label) во FMCG, B2B-средби и купувачка мисија: клуч до успехот или стратегија за преживување?“, која се одржа во периодот од 18 до 19.11.2024 година во Белград, Р Србија.

Во организација на Adriatic Business Academy и Global Business Connections, а со поддршка од Стопанската комора на Северна Македонија во рамките на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, кој го спроведува Комората во партнерство со УСАИД, се реализираа три активности кои имаа цел унапредување на извозните потенцијали на домашните компании за настап на регионалните пазари и нивно поврзување на вредносните синџири за снабдување во доменот на малопродажба. Преку претставување на своите производи и на можностите за производство на приватни трговски марки, десет македонски извозно ориентирани компании имаа можност да реализираат состаноци со 35 потенцијални партнери, вклучувајќи 10 регионални синџири за малопродажба, 15 локални синџири за малопродажба и повеќе од 10 дистрибутивни компании. „Витаминка“, „Макпрогрес“, „КИМ“, „Магрони“, „Рудине“, „Бако нутс“, „Гевгелиска дестилерија“, „Лутхман бацклунд фудс“, „Вивакс“ и „Ларс“ беа компаниите кои имаа прилика да ги претстават своите производи пред потенцијалните купувачи и да остварат средби со претставниците од трговските синџири за малопродажба. Преку претставување на сегментите од кондиторијата (производство на конзервирано овошје и зеленчук, млечни производи, вода, апетисани, здрава исхрана, безалкохолни и алкохолни пијалаци) беше опфатен најголем дел од сегментите кои можат да ги пласираат македонските извозници како конечен производ под свој бренд, но и како приватна трговска марка директно до полиците на регионалните и на локалните трговски синџири.

Во рамките на конференцијата воведно обраќање имаше Миљан Димитријевиќ, менаџер на бизнис-академијата „Адриатик“, кој нагласи дека постојаните промени на пазарот и растот на сегментот на приватни трговски марки во малопродажбата биле појдовна основа за иницирање регионалната конференција, која обогатена со деловни средби и со купувачка мисија ќе креира додадена вредност за производителите од регионот и пошироко.

М-р Михајло Донев, оперативен менаџер на Проектот за поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција, истакна дека сегментот на приватни трговски марки креира исклучителна можност за настап на странските пазари и поголемо присуство на македонските извозници на регионалните пазари. Сличните потрошувачки навики, географската близина и можностите што ги нуди заедничкиот регионален пазар го олеснуваат влезот на пазарот и се појдовна основа за стекнување позитивни референции и искуства, кои ќе овозможат пристап и до нови пазари и градење капацитети за натамошен развој и за пласирање свои брендови надвор од границите на регионот. Извозната диверзификација, како од аспект на бројот на производи што се извезуваат така и од аспект на бројот на пазари на кои се извезуваат, но и извозната софистицираност преку производство на производи со повисока додадена вредност или комплексноста на производствениот процес беа истакнати како клучни за обезбедување поголем извозен перформанс како на интрарегионално ниво така и спрема трети пазари. На крајот беше заклучено дека во последните години интрарегионалната трговска размена бележи напредок, но истовремено потенцијалите за поголемо учество на размената меѓу земјите од регионот отвораат можности за подобро позиционирање на компаниите на овие блиски пазари, што е една од целите на организираните средби меѓу производителите и потенцијалните купувачи за вмрежување и за реализација на нови зделки, кои ќе придонесат за поголема регионална соработка.

Преку проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“ Стопанската комора работи на воспоставување систем за подобра интеграција на бизнисите во регионалните и во глобалните вредносни синџири и на засилување на нивниот капацитет, за да бидат конкурентни во Западен Балкан, но и пошироко во ЕУ.